Book of Common Prayer
11 Бог преку Павле правеше многу необични чуда, 12 така што дури и кога врз болните ќе ставеа шамивче или дел од облека што се допрела до телото на Павле болестите исчезнуваа, а обземените се ослободуваа од демонските духови.
13 Неколку Евреи што патуваа од место во место и истеруваа демони, се обидоа над обземените од демонски духови да го употребат името на Господ Исус велејќи: „Во името на Исус, Оној за Кого Павле проповеда, ви наредуваме да излезете!“ 14 Тоа го правеа седумтемина синови на еврејскиот Првосвештеник Скева. 15 Но демонскиот дух им одговори: „Исус Го знам, а и Павле го знам, но вас не ве знам!“ 16 Па го натера човекот во кој беше влезен да се нафрли врз нив и да ги претепа, па тие голи и испоранети избегаа од куќата.
17 За ова дознаа сите што живееја во Ефес, и Евреи и Грци, па ги фати страв и искажуваа голема почит спрема името на Господ Исус. 18 Мнозина од оние што поверуваа доаѓаа и се исповедаа, признавајќи ги своите грешни дела. 19 Дури и некои од оние што се занимавале со магии ги донесуваа своите книги за магии и пред сите ги запалуваа. Цената на запалените книги изнесуваше педесет илјади сребреници[a]. 20 Така пораката за Господ брзо се ширеше и јакнеше[b].
Почетоци на Исусовата служба
(Мт. 4:12-17; Лк. 4:14-15) 14 Подоцна, кога владетелот Ирод Антипа го затвори Јована Крстител, Исус отиде во Галилеја за да ја проповеда Божјата Радосна вест. 15 Говореше: „Дојде времето! Божјото царство се приближува! Покајте се и верувајте во Радосната вест!“
Исус ги избира првите ученици
(Мт. 4:18
-22; Лк. 5:1-11) 16 Одејќи по брегот на Галилејското Езеро, Исус ги забележа браќата Симон и Андреј. Тие беа рибари и ги поставуваа своите рибарски мрежи во езерото. 17 Исус им рече: „Тргнете по Мене и Јас ќе ве научам како да ловите луѓе, а не риби!“ 18 Двајцата браќа веднаш ги оставија своите мрежи и тргнаа по Него.
19 Малку понатаму, Исус ги забележа Завдаевите синови Јаков и Јован. Тие седеа во своето бротче и си ги крпеа рибарските мрежи. Веднаш ги повика и нив. 20 Оставајќи ги својот татко и наемните работници во бротчето, тие тргнаа по Исус.
Copyright 1999 by HBC Radosna Vest