Book of Common Prayer
Светиот Дух доаѓа на помош
8 Затоа тие што се под закрила на Исус Христос нема да бидат осудени, 2 бидејќи со посредство на Исус Христос, силата[a] на животодавниот Дух ве ослободи од силата[b] на гревот, која води во смрт. 3 Мојсеевиот Закон не можеше да не спаси, поради грешната човекова природа. Но тоа што не можеше да го стори Законот, го направи Бог. Тој Го испрати Својот Син во тело слично на грешните човечки тела. Жртвувајќи Го Својот Син за нашите гревови, Бог ја уништи власта што гревот ја имаше во нас. 4 Така, она што Законот со право го бараше, беше исполнето за нас, кои не се раководиме според телесната природа, туку според водството на Духот.
5 Луѓето што се раководат според својата телесна природа мислат само на телесни работи, додека оние што допуштаат да ги води Божјиот Дух, мислат на духовни работи и се стремат кон нивно остварување. 6 Но раководењето според телесната природа води во смрт, а раководењето според Божјиот Дух донесува живот и мир. 7 Умот што се раководи од телесната природа е непријателски настроен спрема Бог. Тој не му се покорува на Божјиот Закон. Не може да му се покори. 8 Луѓето што се раководат од својата телесна природа не можат да Му угодат на Бог.
9 Но вие не се раководите според телесната природа, туку според водството на Духот, ако во вас навистина живее Божјиот Дух. (Ако некој Го нема во себе Духот на Христос, таквиот човек воопшто и не е христијанин!) 10 Ако, пак, Христос живее во вас, тогаш, навистина, вашето тело ќе мора да умре[c] поради гревот, но вашиот дух ќе живее, затоа што сте оправдани пред Бог. 11 Ако навистина Божјиот Дух, Кој Го воскресна Исуса, сега живее во вас, тогаш Тој Дух ќе ги оживее и вашите смртни тела, онака како што Го воскресна Христос од мртвите.
Споредба со свадбената свеченост
(Лк.14:15-24) 22 Продолжувајќи да им зборува преку споредби, Исус им рече: 2 „Небесното царство може да се спореди со цар кој приредува свадба за својот син. 3 Ги испраќа своите слуги да ги повикаат поканетите на свадбата, но овие не сакаат да дојдат. 4 Повторно испраќа други слуги да им порачаат на поканетите: ,Гозбата е приготвена, јунците и телињата се заклани, се е готово, повелете на свадбата!‘ 5 Меѓутоа, поканетите не сакаат да чујат, туку си заминуваат, кој на нива, кој на пазар. 6 Некои од нив дури ги тепаат слугите и ги убиваат. 7 Тогаш царот се налутува и испраќа војска да ги погуби убијците и да им го запали градот. 8 Потоа ги повикува своите слуги и им вели: ,Гозбата е приготвена, но поканетите не се покажаа достојни. 9 Тргнете сега по раскрсниците и поканете го на свадбата секого што ќе го сретнете.‘ 10 Така, слугите одат и ги доведуваат сите што ќе ги најдат, и добри и лоши. И свадбената сала се наполнува со гости.
11 Тогаш влегува и царот да се сретне со гостите. Забележува еден човек кој не носи свечена облека и го прашува: 12 ,Пријателе, зошто си дошол овде без свечена облека?‘ А тој молчи. 13 Тогаш царот им заповеда на слугите: ,Врзете му ги нозете и рацете и фрлете го во најдлабоката темница. Таму ќе има лелекање и чкрипење со заби!‘ 14 Зашто, иако мнозина се поканети, малцина се избрани“ - заклучи Исус.
Copyright 1999 by HBC Radosna Vest