Book of Common Prayer
13 Дали ова значи дека мојата смрт ја предизвика она што е во суштина добро, односно Божјиот Закон? Никако! Гревот е тој што ме уби, искористувајќи ја добрата заповед. Но истовремено, преку таа заповед, се покажа дека гревот е страшна и грозна работа.
Внатрешната борба со гревот
14 Очигледно е дека Законот е духовен, добар, но јас сум човек од крв и месо, продаден како роб на гревот. 15 Сам себеси не можам да се разберам. Не го правам тоа што го сакам, туку она што го мразам. 16 Со самото тоа што ме гризе совеста кога правам грев, јас се согласувам со Божјиот Закон и потврдувам дека тој е добар, 17 но, не успевам да се противставам, бидејќи гревот е во мене и ме тера да грешам.
18 Свесен сум дека во мене, односно во моето тело, нема сили за ништо добро. Желба за добро има во мене, но не и сила да го извршам. 19 Не го правам тоа што е добро, како што би сакал, туку го правам она што не го сакам, она што е грешно. 20 Но штом не го сакам она што го правам, не сум веќе јас тој што го прави тоа, туку гревот што живее во мене.
21 Сфатив дека по правило вака испаѓа, кога сакам да постапам добро, ми се наметнува грешното и тоа го правам. 22 Длабоко во себе јас му се восхитувам на Божјиот Закон, 23 но во моето тело гледам еден друг закон, кој војува против Законот во мојот ум. Тој закон успева да ја добие битката и ме држи заробен од гревот, кој е тука, во моето тело. 24 Сфатив дека сум наполно беспомошен! Кој ќе ме избави од ова тело што ме води во смрт!? 25 Одговорот е: тоа ќе го стори Исус Христос, нашиот Господ. Неизмерно сум Му благодарен на Бог за тоа! Така, од една страна, со својот ум сакам да живеам според Божјиот Закон, а од друга страна, со мојата грешна природа, му робувам на законот на гревот.
Споредба со лозарите
- убијци (Мк. 12:1-12; Лк. 20:9-19) 33 Исус продолжи да им зборува на свештеничките поглавари и на народните старешини: „Слушнете ја и оваа приказна. Си беше еднаш еден домаќин, кој насади лозје, го огради со плот, ископа јама за гмечење на грозјето и изгради чуварска кула. Потоа им го даде лозјето под наем на лозарите, а тој замина на пат. 34 Кога дојде време за гроздобер, тој ги испрати своите слуги кај лозарите, за да му го донесат делот од бербата што му припаѓа како надомест. 35 Но лозарите ги фатија слугите и едни претепаа, други убија, а некои каменуваа. 36 Тогаш сопственикот повторно испрати слуги, овојпат во поголем број, но и со нив постапија на ист начин. 37 Најпосле, сопственикот го испрати својот син, велејќи: ,Белки ќе имаат почит спрема син ми!‘ 38 Но кога лозарите го видоа синот, си рекоа: ,Овој е наследникот! Ајде да го убиеме и да го присвоиме неговото наследство!‘ 39 Го зграпчија, го исфрлија од лозјето и го убија. 40 Што мислите, како ќе постапи со нив сопственикот на лозјето кога ќе дојде?“ - ги запраша Исус. 41 А тие Му одговорија: „Сигурно ќе ги погуби тие злосторници, а лозјето ќе им го даде под наем на други лозари, кои навреме ќе му го даваат плодот што му припаѓа.“
42 Исус им рече: „Зар не сте читале што вели Светото Писмо:
,Каменот што ѕидарите го отфрлија,
стана камен-темелник.
Тоа го направи Господ,
како прекрасна глетка пред нашите очи[a]!‘“
43 „Затоа“ - им рече Исус - „од вас ќе се одземе Божјото царство и ќе им се даде на луѓе кои донесуваат достоен плод.“
44 („Кој ќе падне врз тој камен ќе се распарчи, а врз кого ќе падне тој камен - ќе го згмечи!“)[b]
45 Слушајќи ги Исусовите споредби, свештеничките поглавари и фарисеите[c] сфатија дека се однесуваат на нив. 46 Затоа, тие сакаа да Го уапсат, но се плашеа од народот, кој Го сметаше Исуса за пророк.
Copyright 1999 by HBC Radosna Vest