Book of Common Prayer
Христијаните не подлежат под Мојсеевиот Закон
7 Драги христијани! Овие зборови им ги упатувам на поборниците на Мојсеевиот Закон. Не знаете ли дека кој и да е закон има моќ над луѓето само додека се живи? 2 На пример, омажената жена е со закон врзана за својот сопруг, додека е тој жив. Ако тој умре, таа е ослободена од законската обврска. 3 Кога таа би заживеала со друг маж, додека нејзиниот сопруг е се уште жив, таа би била сметана за прељубница. Но ако сопругот и умре, таа е ослободена од законската обврска, и ако се омажи за друг човек, нема да биде сметана за прељубница.
4 Така е и со вас, драги христијани. Вие не подлежите под старозаветниот Закон даден преку Мојсеј, затоа што Христовата смрт значеше и ваша смрт. Бидејќи Христос воскресна, вие сте сега сврзани со Него, а не со старозаветниот Закон. Тоа ви овозможува да бидете плодоносни и полезни за Бог. 5 Додека со нас владееше нашата стара природа, грешните страсти дејствуваа во нас. Законот ги побудуваше тие грешни страсти и како последица на тоа произлегуваа грешни дела што би не одвеле во смрт. 6 Сега сме ослободени од Законот, откако со Христос умревме за силата што не држеше заробени. Можеме да Му служиме на Бог не на стариот начин, со тоа што ќе му се покоруваме на словото на Законот, туку на нов начин, така што ќе Му се покоруваме на Духот[a].
Улогата на Божјиот Закон
7 Што значи тоа? Дали Божјиот Закон е лош? Се разбира, не! Зашто да не беше Законот, јас немаше да знам дека сум грешен. Ако Законот не кажуваше: „Не посакувај туѓо[b]!“ немаше да знам дека е лошо да се посакува туѓото. 8 Од друга страна, гревот ја искористи можноста, па преку таа заповед во мене поттикна најразлични грешни желби. Значи, без Законот гревот не би бил делотворен!
9 И јас порано живеев без Законот. Но кога се соочив со заповедта, наеднаш, гревот оживе! 10 Сфатив дека сум осуден на смрт! Така заповедта, чија цел беше да ми даде живот, ми донесе смртна казна! 11 Гревот ја искористи можноста и преку таа заповед[c] ме измами, ме прогласи виновен, осуден на смрт. 12 Законот си е свет. Таа заповед е света, праведна и добра.
Прашања за Исусовиот авторитет
(Мк. 11:27-33; Лк. 20:1-8) 23 Кога Исус дојде во храмот и почна да поучува, Му пристапија свештеничките поглавари и народните старешини и Го прашаа: „Со какво право го правиш ова? Кој те овластил?“ 24 Одговарајќи на ова, Исус им рече: „И Јас ќе ве прашам нешто, па ако ми одговорите ќе ви кажам и Јас со какво право го правам ова. 25 Од каде го доби Јован Крстител правото да крштава: од Бога[a] или од луѓето?“ Тие почнаа меѓу себе да си шепотат: „Ако кажеме дека го доби од Бога, ќе ни рече: ,Тогаш, зошто не му поверувавте?‘ 26 Ако пак кажеме дека го доби од луѓето, се плашиме од народот, зашто сите го сметаа Јована за пророк.“ 27 Затоа, тие Му одговорија: „Не знаеме!“ Тогаш Исус им рече: „Ни Јас нема да ви кажам кој Ми го даде правото да го правам ова што го правам!“
Споредба со два сина
28 Потоа Исус им рече: „Што мислите за ова што ќе ви го кажам: еден човек имаше два сина. Отиде кај постариот и му рече: ,Синко, ајде појди на лозјето и работи денес таму.‘ 29 Тој му одговори: ,Не сакам!‘ Но подоцна се премисли и отиде. 30 Таткото отиде и кај помладиот син и му го кажа истото, на што овој рече: ,Ќе одам, господине‘, но не отиде. 31 Кој од двајцата ја изврши татковата волја?“ Тие Му одговорија: „Постариот!“ Тогаш Исус им рече: „Ве уверувам дека собирачите на данок[b] и блудниците попрвин ќе доспеат во небесното царство отколку вие! 32 Бидејќи, Јован Крстител дојде кај вас за да ви го покаже патот на праведноста, но вие не му верувавте, додека собирачите на данок и блудниците му веруваа. Дури ни откако го видовте тоа, вие не се покајавте и не му поверувавте.“
Copyright 1999 by HBC Radosna Vest