Book of Common Prayer
Божјите дарови се добиваат само преку вера
13 Очигледно е дека ветувањето што Бог им го даде на Авраам и на неговите потомци, оти тие ќе го наследат светот, не им беше дадено затоа што Авраам се придржуваше кон ритуалниот Закон, туку врз основа на праведноста што Авраам ја стекна преку вера во Бог. 14 Ако тврдиме дека Божјото ветување се однесува на оние што му се покоруваат на ритуалниот Закон, испаѓа дека верата нема никаква вредност, а со тоа и Божјото ветување би било неважечко. 15 Имајте предвид дека законот им носи казна на прекршителите. А каде што нема закон, нема ни прекршок!
16 Токму затоа Божјото ветување е засновано на вера. Тоа е незаработен подарок од Бог и им се гарантира на сите што имаат вера каква што имаше Авраам, без оглед на тоа дали се придржуваат кон ритуалните обичаи содржани во Законот или не. Токму затоа Авраам е прататко на сите што Му веруваат на Бог. 17 На тоа се мисли во Светото Писмо кога Бог му рече на Авраам: „Те направив татко на многу народи[a].“ Авраам Му поверува на Бог, на Оној што мртви оживува и со збор го создава тоа што дотогаш не постоело. 18 Кога Бог му вети на Авраам дека ќе стане татко на многу народи, Авраам Му поверува, иако тоа изгледаше сосема невозможно. Бог му рече: „Колку што има ѕвезди на небото, толку ќе бидат и твоите потомци[b]!“ 19 На Авраам не му ослабна верата, иако знаеше дека неговото тело е речиси мртво. Имаше околу сто години, а и неговата жена Сара беше веќе стара и неротка.
20 Тој не се посомнева во ветувањето што му го даде Бог. Напротив, верата му зајакна и тој Му донесе[c] слава на Бог. 21 Авраам беше наполно уверен дека Бог е способен да го исполни тоа што го ветил.
22 Затоа тоа му се припиша како праведност. 23 Овој начин на стекнување праведност пред Бог не важеше само за Авраам, 24 туку важи и за нас што веруваме во Оној што Го воскресна од мртвите нашиот Господ Исус, 25 Кој беше предаден на смрт за нашите гревови, и беше воскреснат за ние да бидеме оправдани.
Споредба со наемни работници
20 „Небесното царство може да се опише со ваква споредба: Еден домаќин излезе рано наутро да повика наемни работници за своето лозје. 2 Се погоди со нив да им плати по една надница и ги испрати на лозјето. 3 Околу девет[a] часот наутро, тој повторно отиде на пазарот и виде и други луѓе кои чекаа за работа, 4 па им рече: ,Одете и вие на моето лозје, а јас ќе ви платам колку што ви следува.‘ И тие отидоа. 5 Потоа го направи истото околу дванаесет[b] часот, и уште еднаш околу петнаесет часот. 6 Кога излезе околу седумнаесет[c] часот, виде и други луѓе како стојат, па им се обрати: ,Зошто безделничите овде цел ден?‘ 7 ,Никој не ни понуди работа‘ - му одговорија тие. Тогаш и ним им рече: ,Одете и вие на моето лозје!‘ 8 Кога се стемни, господарот му рече на својот надзорник: ,Повикај ги работниците и исплати им по една надница на сите, почнувајќи од последните, па до првите.‘ 9 И така, оние што дојдоа на нивата во седумнаесет часот добија по една надница. 10 Кога дојдоа на ред првите мислеа дека ќе добијат повеќе, но и тие добија по една надница. 11 Штом ги примија парите, тие почнаа да мрморат против господарот, велејќи: 12 ,Овие последниве работеа само еден час, а ти ги израмни со нас, кои се мачевме цел ден на жегата!‘ 13 Обраќајќи му се на еден од нив, тој му рече: ,Пријателе, јас тебе не те оштетив. Зар не се погодивме за надницата? 14 Земи си ја и оди си! А јас сакам да му платам на последниот колку и тебе; 15 зар немам право да правам што сакам со своите пари? Или, пак, окото ти е завидливо затоа што сум дарежлив!?‘“
16 И така, тие што сега се последни, тогаш ќе бидат први, а тие што сега се први, тогаш ќе бидат последни“ - заклучи Исус.
Copyright 1999 by HBC Radosna Vest