Book of Common Prayer
Сите луѓе се грешници
9 Значи, дали ние Евреите сме подобри од другите народи? Не, не сме. Ние веќе рековме дека и Евреите, како и другите народи, се под власта на гревот. 10 Како што е напишано во Светото Писмо:
„Нема ниту еден праведен човек, ниту еден единствен;
11 ниту еден што разбира,
ниту еден што Го бара Бога.
12 Сите скршнаа од правиот пат,
сите се израсипаа.
Нема ниту еден единствен човек
што прави добро[a].“
13 „Грлата нивни - гробови отворени,
јазиците само за злобни лаги им служат[b].“
„Зад усните змиски отров кријат[c].“
14 „Устите им со клетви и горчина се полни[d].“
15 „Брзи се стапалата нивни да пролеваат крв.
16 Кај ќе стапнат - пустош и беда носат!
17 За мирољубивост не знаат[e].“
18 „Ни трошка страв и почит спрема Бог кај нив нема[f].“
19 А јасно е дека одредбите на Божјиот Закон се наменети за луѓето на кои им беше даден. Ниеден човек нема изговор, а врз основа на тој Закон Бог може целиот свет да го осуди. 20 Со придржување кон Законот никој не може да се здобие со праведност во Божјите очи. Преку Законот само стануваме свесни за нашата грешност.
За бракот и разводот
(Мт. 5:27-32; Мк. 10:1-12; Лк. 16:18; Рим. 7:1-3) 19 Откако го доврши ова излагање, Исус си замина од Галилеја и дојде на јудејска територија, од спротивната страна на реката Јордан. 2 Голема толпа народ одеше по Него и Тој ги исцелуваше болните.
3 Некои од фарисеите[a] Му пријдоа на Исус и, сакајќи да Му постават замка, го прашаа: „Дали е во согласност со верскиот Закон[b] мажот да има право да се разведе од својата жена за каква и да е причина?“
4 Исус им одговори: „Зар не сте читале во Светото Писмо дека на почетокот Творецот создаде маж и жена, 5 и дека тогаш Тој рече:
,При стапување во брак, човекот ќе се одвои
од својот татко и од својата мајка
и ќе се присоедини кон својата жена
и двајцата ќе станат едно тело[c]?‘
6 Според тоа, тие не се повеќе двајца, туку еден. Никој не смее да ги раздружува оние што Бог ги здружил во брак!“ 7 На ова, тие Го прашаа: „Тогаш, зошто Мојсеј издаде уредба[d] според која мажот може да ја отпушти својата жена ако и даде потврда за развод?“ 8 А Исус им одговори: „Мојсеј ви дозволи да се разведувате од вашите жени бидејќи вие сте луѓе со закоравени срца. Но, на почетокот не беше така. 9 Затоа ви велам дека секој човек што ќе се разведе од својата жена, освен по основа на брачно неверство, извршува прељуба доколку се ожени со друга; и тој што ќе се ожени со распуштеница, исто така, врши прељуба.“
10 Неговите ученици Му рекоа: „Ако е таква обврската меѓу мажот и жената, тогаш подобро е човек да не се жени!“ 11 А Исус им рече: „Тоа можат да го прифатат само оние што Бог ги оспособил да живеат сами. 12 Зашто, има разни причини поради кои некои луѓе не се женат: едни се по природа евнуси, други се направени евнуси од луѓе , а трети се откажуваат од стапување во брак за да се посветат на работа за небесното царство. Кој може да го прифати ова учење - нека го прифати.“
Copyright 1999 by HBC Radosna Vest