Book of Common Prayer
12 Кога грешат неевреите, Бог ќе ги казни, без оглед на тоа што ним не им бил даден Божјиот Закон во пишана форма. Кога грешат Евреите, Бог и нив ќе ги казни, бидејќи тие го знаат Божјиот Закон и ќе бидат судени според него. 13 Зашто не се станува праведник пред Бог само со познавање на Законот, туку со придржување кон него.
14 Кога неевреите, кои го немаат Божјиот Закон во пишана форма, инстинктивно се придржуваат кон заповедите што произлегуваат од него, тоа покажува дека длабоко во себе тие умеат да го разликуваат доброто од злото. 15 Тоа е доказ дека она што Божјиот Закон го бара е запишано во нивните срца. За нив мерило за поведението е нивната совест, која им кажува кога некоја нивна постапка е за осуда, а кога е оправдана. 16 Ќе дојде ден кога Бог, преку Исус Христос, ќе го суди она што е скриено во луѓето, како што кажува Радосната вест што јас ја проповедам.
Предупредување за Евреите
17 Ако си Евреин, ти се потпираш на Божјиот Закон, фалејќи се со посебната поврзаност на твојот народ со Бог. 18 Ја познаваш Божјата волја и знаеш да го одбереш она што е најдобро, бидејќи си учел од Божјиот Закон. 19 Уверен си дека можеш да им бидеш водач на слепите, светло на луѓето што се загубени во мрак, не познавајќи го Бога. 20 Сметаш дека можеш да ги упатуваш неупатените и да ги учиш незрелите, уверен дека Божјиот Закон ти дал совршено познавање на вистината. 21 Но, учејќи ги другите, зошто самиот не се поучиш!? Ти што проповедаш да не се краде, дали и самиот не крадеш!? 22 Ти што други учиш да не прават прељуби, дали и самиот не правиш прељуби!? Ти што се гнасиш од идоли, дали и самиот не крадеш од храмовите? 23 Толку се фалиш со Божјиот Закон, а го прекршуваш, и Му нанесуваш срам на Бог! 24 Токму така и стои запишано во Светото Писмо: „Поради вас другите народи го навредуваат Божјото име[a]!“
Споредба со загубената овца
(Лк. 15:3-7) 10 „Внимавајте да не потцените ниедно од овие најмалечкиве, зашто нивните ангели на небото се постојано со Мојот небесен Татко.“
11 (Зашто Синот Човечки дојде за да ги спаси оние што се загубени.)[a]
12 „Што мислите: ако некој има сто овци и една од нив се загуби, нема ли да ги остави деведесет и деветте и да појде по ридот да ја бара загубената? 13 Па кога ќе ја најде, сигурно ќе и се радува повеќе отколку на деведесет и деветте кои не се загубиле! 14 Така ни вашиот[b] небесен Татко не сака да се загуби ниедна душа, макар и од овие најмалечкиве.“
Ако ти згреши некој христијанин
(Лк. 17:3) 15 „Ако некој христијанин ти згреши, појди кај него и укажи му ја грешката насамо. Ако те послуша - повторно си го придобил како свој ближен[c]. 16 Ако не те послуша, појди кај него со уште еден или двајца сведоци, за да биде утврдена секоја изјава пред двајца или тројца сведоци[d]. 17 Ако тој и нив не ги послуша, тогаш изнеси ја целата работа пред црквата. Доколку тој и црквата не ја послуша, тогаш однесувај се спрема него како спрема неверник или како спрема собирач на данок[e].“
18 „Зашто, ве уверувам, дека, она што ќе го врзете на Земјата ќе остане врзано и на небесата, и она што ќе го разврзете на Земјата ќе биде разврзано и на небесата.
19 Исто така, ви го кажувам и ова: ако двајца од вас на Земјата сложно се молат за нешто, Мојот небесен Татко ќе им го исполни. 20 Зашто, каде што двајца или тројца ќе се здружат под Моето име, и Јас сум таму, меѓу нив.“
Copyright 1999 by HBC Radosna Vest