Book of Common Prayer
Спасението е преку вера
16 Не, јас не се срамам од Радосната вест за Христос. Таа е силата со која Бог ќе го спаси секој што верува: почнувајќи од Евреите, а потоа и другите народи. 17 Таа ни открива дека Бог не оправдува само преку вера. Токму тоа и го пишува во Светото Писмо: „Праведникот ќе живее преку вера[a].“
18 Бог го излева Својот гнев од небото против сите безбожни и неправедни луѓе, што ја отфрлаат вистината[b], 19 затоа што тие го имаат неопходното знаење за Бог, Кој кај сите нас го има всадено тоа знаење. 20 Она што кај Бог е невидливо, имено Неговата вечна моќ и божествена природа, можат јасно да се согледаат уште од создавањето на светот и да се разберат преку се што е создадено. Затоа нема оправдување за оние што немаат почит спрема Бог.
21 Значи, тие знаат за Бог, но ниту Го почитуваат како Бог, ниту Му се благодарни. Напротив, си измислија свои богови, а умовите им се помрачија и збркаа. 22 Се сметаа за мудри, но испаднаа глупави. 23 Наместо да Го слават бесмртниот Бог, тие слават ликови на смртни луѓе, на птици, четвороножни животни и влечуги.
24 Затоа Бог ги препушти да ги води похотата на нивните срца, да се опогануваат, еден со друг да си ги обесчестуваат телата. 25 Ја заменија вистината за Бог со лага, па му служат и му се поклонуваат на создаденото, а не на Создателот, Кој е благословен за вечни времиња. Амин!
Исус вторпат ја навестува Својата смрт
(Мк. 9:30-32; Лк. 9:43б-45) 22 Еден ден, кога учениците се беа вратиле во Галилеја, Исус им рече: „Наскоро Јас, Синот Човечки, ќе бидам предаден во рацете на луѓето. 23 Тие ќе Ме убијат, но на третиот ден ќе воскреснам.“ Ова многу ги ожалости учениците.
Исус плаќа данок за храмот
24 Кога дојдоа во градот Кафарнаум, на Петар му пријдоа наплатувачите на данок за храмот и му рекоа: „Ќе плати ли вашиот Учител данок за храмот?“ 25 „Секако!“ - им одговори Петар. А кога Петар се врати дома, Исус го пресретна и го праша: „Што мислиш, Симоне, од кого наплатуваат данок земните цареви: од сопствените синови или од туѓите?“ 26 „Од туѓите!“ - одговори Петар. Тогаш Исус му рече: „Значи, синовите се ослободени од плаќање. 27 Но, за да не ги соблазниме, појди до морето, фрли јадица и отвори и ја устата на првата риба што ќе ја фатиш; во неа ќе најдеш една пара[a] што ќе биде доволна да платиш данок и за Мене и за себе.“
Copyright 1999 by HBC Radosna Vest