Book of Common Prayer
4 Тогаш дваесет и четирите старешини и четирите живи суштества паднаа ничкум и Му се поклонија на Бог, Кој седеше на престолот, велејќи: „Амин! Слава на Бога!“
Свадбената вечера на Јагнето
5 Од престолот проговори глас и рече: „Славете Го нашиот Бог, вие мали и големи - сите што сте во Негова служба и имате страхопочит спрема Него!“
6 Потоа чув гласови од многуброен народ - звук како од бучава на силни води и како татнеж од громови; тие говореа:
„Слава на Бога!
Господ, нашиот Семоќен Бог ја презеде власта!
7 Да се радуваме, да се веселиме и да Му благодариме на Бог,
зашто дојде свадбата на Јагнето и Невестата[a] е подготвена!
8 Нејзе ќе и се даде свадбена руба од чисто и светло ленено платно, кое ги претставува праведните дела на Божјите свети луѓе[b].“
9 Тогаш ангелот ми рече: „Блазе си им на поканетите на свадбената вечера на Јагнето!“ Потоа додаде: „Овие Божји зборови ќе се остварат!“ 10 Тогаш јас клекнав пред ангелот за да му се поклонам, но тој ми рече: „Немој! И јас сум Божји служител, како што си и ти, и сите други следбеници на Исус. Само на Бог поклонувај Му се! А духот на пророкувањето е јасно да се посведочи за Исус[c].“
Коњаник на бел коњ: враќањето на Исус!
11 Потоа небото се отвори и се појави еден бел коњ. Коњаникот Го нарекуваа ‚Верниот и Вистинитиот‘ и Тој е секогаш справедлив кога суди или кога војува. 12 Очите Му светат како огнен пламен, а на главата носи многубројни круни. Името Му беше напишано, но само Тој знае што значи тоа име.
13 Коњаникот носеше облека натопена во крв; Тој е познат и под името ‚Божји Збор‘. 14 Во Негова придружба беа цели војски од небото, качени на бели коњи, облечени во облеки од чисто, бело ленено платно[d]. 15 Од устата Му излегуваше остар меч, со кој ќе ги порази неверните народи. Тој ќе владее над нив со железен скиптар и ќе го изгази грозјето во кацата на зоврениот гнев на Семоќниот Бог. 16 На Неговата облека, отстрана, беше напишано: ,Цар над царевите и Господар над господарите‘.
Божјото Јагне
- Исус 29 Утредента, Јован Го виде Исуса како доаѓа кај него, па рече: „Еве го Божјото Јагне Кое го отстранува гревот на светот!
30 Овој е Тој за Кого реков, ,По мене доаѓа еден Човек Кој е поголем од мене, зашто Тој постоеше уште пред да се родам јас!‘ 31 Јас не знаев Кој ќе биде Тој, туку дојдов да крштавам во вода, за Тој да му биде откриен на Израел.“
32 Тогаш Јован го даде следното сведоштво: „Јас бев таму и Го видов Светиот Дух Кој слезе како гулаб од небото и остана над Него. 33 Јас не ќе Го познаев, но кога Бог ме испрати да крштавам во вода ми рече: ,Врз Кого ќе Го видиш Светиот Дух да се спушта и да остане над Него, Тој е Оној што ќе крштава во[a] Светиот Дух‘. 34 Јас видов дека тоа се исполни над Исус и сведочам дека Тој е Божјиот Син[b].“
Copyright 1999 by HBC Radosna Vest