Book of Common Prayer
Двата сина на Авраам
21 Слушнете ме сега вие што сакате да се придржувате кон Мојсеевиот Закон: Знаете ли што, всушност, кажува тој Закон? 22 Во Светото Писмо пишува дека Авраам имаше два сина: еден од робинка и еден од слободна жена[a]. 23 Синот од робинката беше роден во обид човекот да ги оствари Божјите ветувања, а синот од слободната жена се роди така што Бог го исполни Своето ветување.
24 Се работи за алегорија. Овие две жени преку кои се родија Исмаил и Исак претставуваат два завета. Првиот, претставен преку Агара, е Законот даден на планината Синај, кој ги поробува луѓето. 25 Агара ја претставува планината Синај во Арабија и ја прикажува сегашната состојба на Ерусалим, односно на сиот народ[b], кој духовно робува.
26 Сара го претставува небесниот Ерусалим. Таа не беше робинка, туку слободна. Таа е нашата мајка. 27 Светото Писмо за неа вели:
„Радувај се жено неротко,
ти што деца не си раѓала,
излези и викај од радост
ти што не си видела породилни маки,
зашто повеќе деца ќе има неротката,
од жената што има маж[c].“
28 Вие, драги христијани, исто како и Исак, сте деца родени по ветување. 29 Во тоа време детето родено од робинката го прогонуваше детето што беше родено по ветување. Така е и сега: телесните луѓе не прогонуваат нас, родените од Светиот Дух. 30 Но, еве што вели Светото Писмо: „Избркај ги робинката и нејзиниот син! Синот на робинката нема да биде сонаследник со синот на слободната. Синот на слободната жена ќе добие се[d].“ 31 Значи, драги христијани, ние не сме деца на робинката, туку на слободната жена.
Исус исцелува многу луѓе
29 Заминувајќи си оттаму, Исус се упати назад, кон брегот на Галилејското Езеро; таму се искачи на еден рид и седна. 30 Надојде голема толпа народ, водејќи со себе куци, сакати, слепи, глувонеми и многу други болни, кои Му ги положуваа пред нозе, и Тој ги исцелуваше. 31 Народот беше вчудовиден, гледајќи како неми прозборуваат, сакати оздравуваат, куци проодуваат и слепи прогледуваат. И Му оддаваа слава на Израеловиот Бог.
Исус чудотворно нахранува над 4.000 луѓе
(Мк. 8:1-10) 32 Потоа, Исус ги повика кај Себе Своите ученици, и им рече: „Жал ми е за луѓето, зашто веќе три дни се со Мене, а ништо не јале. Не би сакал да ги пуштам да си одат гладни, за да не изнемоштат по пат.“ 33 А Неговите ученици Го прашаа: “Каде ќе најдеме доволно храна за толку народ, овде, во пустинава?“ 34 Тој ги праша: „Колку леб имате?“ Тие Му рекоа: „Седум леба и неколку рипчиња.“
35 Тогаш Исус им заповеда на луѓето да испоседнат по земјата, 36 па ги зеде седумте леба и рибите, Му се заблагодари на Бог и ги раскрши. Потоа им ги подаваше на учениците, а тие му ги разделуваа на народот. 37 Сите јадеа и се наситија, а собраа и седум полни кошници со парчиња што преостанаа. 38 А луѓето што јадеа беа на број четири илјади машки глави, не сметајќи ги жените и децата.
39 Тогаш Исус го пушти народот да си оди, а Тој се качи на бротче и замина во пределот на Магадан[a].
Copyright 1999 by HBC Radosna Vest