Book of Common Prayer
Нова природа за богоугоден живот
17 Затоа ви велам и ве обврзувам пред Господ: не треба веќе да живеете онака како што живеат луѓето кои не знаат за Господ, водени од нивните празни умови. 18 Нивните умови се помрачени. Тие се отуѓени од животот што доаѓа од Бог, затоа што не го разбираат тоа, а не го разбираат бидејќи срцата им се закоравени. 19 Тие веќе не го разликуваат праведното од грешното. Лакомо се препуштаат на разни пороци и на секаков вид гнасни работи.
20 Но вие што сте запознаени со учењето на Христос, не сте учени така да живеете. 21 Слушнавте за Него и научивте дека вистината произлегува од Исус. 22 Затоа, отфрлете ја вашата стара природа и поранешниот начин на живеење, таа стара природа, докрај расипана, полна со похот и измама. 23 Сега сте духовно препородени, со нов начин на размислување. 24 Однесувајте се како нови луѓе, создадени да бидете слични на Бог: праведни, свети и искрени.
25 Веќе не треба ни да помислите да лажете, туку да ја зборувате само вистината[a], бидејќи сме органи на едно исто тело. 26 „Не гневете се во толкава мера та да грешите[b]!“ Гневот нека ви помине уште истиот ден! 27 Не оставајте простор Ѓаволот да дејствува!
28 Кој крадел, да не краде веќе; нека работи нешто чесно, нека заработува со своите раце, па да може да им дава и на оние што имаат потреба од помош.
29 Лоши зборови да не излегуваат од вашата уста! Зборувајте поучни работи, зборови од кои слушателите ќе имаат некаква полза. 30 Не ожалостувајте го Светиот Дух со своите постапки. Тој е вашиот гарант дека сте спасени и ве чува за денот на откупувањето. 31 Ослободете се од сета горчина, гнев и лутина. Немојте да викате еден на друг и да се навредувате. Ослободете се од се што е зло. 32 Бидете љубезни еден спрема друг и полни со милосрдие, простувајте си, како што и Бог ви прости преку Христос.
Исус исцелува парализиран човек
(Мк. 2:1-12; Лк. 5:17-26) 9 Качувајќи се на бротчето, Исус одново отплови преку езерото и се врати во својот град Кафарнаум. 2 Таму луѓето Му донесоа на носила еден парализиран човек. Кога Исус ја виде нивната вера, му се обрати на парализираниот: „Не плаши се, синко, гревовите ти се простуваат!“ 3 Тогаш, некои вероучители си помислија во себе: „Овој човек е богохулник!“ 4 Исус, пак, проѕирајќи им ги мислите, рече: „Зошто ви доаѓаат такви зли мисли? 5 Што е полесно да се каже: ,Гревовите ти се простуваат‘ или ,Стани и оди!‘? 6 Но ќе ви докажам дека Јас, Синот Човечки, имам власт овде на Земјата да простувам гревови!“ Тогаш му се обрати на парализираниот и му рече: „Стани, земи си ја постелата и оди си дома!“ 7 Човекот стана и оздравен си отиде дома. 8 Кога го виде ова, народот го обзеде страв, па Му оддаде слава на Бога, што им пратил човек со ваква моќ.
Copyright 1999 by HBC Radosna Vest