Book of Common Prayer
Павле бара да се молат за нив
3 Понатаму, драги пријатели, молете се за нас. Молете се најнапред учењето за Господ брзо да се шири, па и другите да го почитуваат она што го почитувате вие. 2 Молете се да не паднеме во рацете на лоши и злобни луѓе, зашто сите луѓе немаат вера во Господ. 3 Но, во Господ можете да имате доверба. Тој ќе ви даде сила и ќе ве чува од Злиот. 4 Господ ни дава увереност дека она што ви го наложивме го правите и ќе продолжите да го правите. 5 Се молам Господ да ви ги насочува срцата кон исполнување со љубов, онака како што Бог е полн со љубов, и кон трпеливост, онака како што Христос е трпелив.
Бидете вредни, а не мрзливи
6 Сега, драги пријатели христијани, во името на нашиот Господ Исус Христос, ви наложувам да не им се придружувате на оние меѓу вас, кои само денгубат, ништо не работат и не се придржуваат до она што ве учевме. 7 Вие сигурно знаете дека треба да го следите нашиот пример. Додека бевме кај вас, ние не седевме со скрстени раце. 8 Лебот што го јадевме не беше подарок од вас, туку деноноќно напорно работевме, за да не му бидеме никому на товар. 9 Не дека ние не можевме да бараме храна од вас, туку сакавме вам да ви дадеме пример. 10 Уште кога бевме кај вас ви рековме: на оној што не сака да работи, не давајте му ни да јаде! 11 Слушаме дека некои меѓу вас денгубат, ништо не работат и само се плеткаат во тоа што не е нивна работа. 12 Заради нашиот Господ Исус Христос ги молиме тие луѓе и бараме од нив да се средат и да почнат да работат, та сами да се издржуваат. 13 А вам, драги пријатели, што не сте во таа група, никогаш нека не ви биде мачно да правите добри дела.
14 Посочете ги луѓето што не се придржуваат до упатствата што ви ги дадовме во ова писмо. Престанете да се дружите со нив, за да се посрамат. 15 Немојте да ги сметате за свои непријатели, туку советувајте ги како членови на вашето духовно семејство.
Благослови и поздрави
16 Господ нека биде секогаш со вас и нека ви дава мир во секакви околности, зашто Самиот Тој е извор на мирот.
17 Како и во сите мои писма, ве поздравувам со своерачен потпис: Павле.
18 Нашиот Господ Исус Христос нека ви биде благонаклонет на сите.
Тесен е патот кон небото
13 „Влезот во Божјото царство е низ тесна врата, а мнозинството луѓе одат по широкиот и лесен пат кој води во пропаст! 14 А мала е вратата и тесен е патот што водат во вечен живот, и мал број луѓе го наоѓаат.“
За лажните пророци
(Лк.6:43-45) 15 „Чувајте се од лажни пророци; тие доаѓаат кај вас во овча кожа, но однатре се грабливи волци. 16 По нивните плодови ќе ги распознаете: трнот сигурно не раѓа грозје, ниту пак чичката раѓа смокви! 17 Секое питомо дрво раѓа питоми плодови, а секое диво дрво раѓа диви плодови. 18 Од питомото дрво не може да произлезе див плод, ниту пак од дивото дрво може да произлезе питом плод. 19 А дрвјата кои не раѓаат питоми плодови се сечат и се горат! 20 Така, значи, по нивните плодови ќе ги распознаете.“
Вистински и лажни верници
(Лк. 6:47-49; 13:25-27) 21 „Во небесното царство нема да влезе секој човек што ми се обраќа со ,Господе, Господе‘, туку само оние кои го извршуваат она што од нив го бара Мојот небесен Татко.
Copyright 1999 by HBC Radosna Vest