Book of Common Prayer
Упатства за меѓусебните односи во Црквата
12 Драги христијани по црквите, ве молиме да им оддавате признание на оние што вредно работат меѓу вас, што ве водат во Господовото дело и ве поучуваат; 13 искрено да ги почитувате и да ги сакате заради тоа што го работат. Ве молиме да не се карате.
14 Опоменувајте ги мрзливите, охрабрувајте ги малодушните, помагајте им на слабите и имајте трпение со сите.
15 Гледајте никој никому да не враќа зло за зло. Напротив, однесувајте се добро еден спрема друг и спрема сите луѓе.
16 Бидете секогаш радосни, 17 постојано молете се. 18 Што и да ви се случува прифаќајте го со благодарност, зашто така вие што Му припаѓате на Исус Христос ја исполнувате Божјата волја.
19 Немојте да го задушувате дејствувањето на Светиот Дух. 20 Немојте да ги занемарувате пророштвата. 21 Проверувајте се што се проповеда и држете се до тоа што е добро. 22 Држете се настрана од се што е зло.
Благослови и поздрави
23 Самиот Бог, Кој е извор на мир, нека ве направи целосно свети и нека го зачува чисто целото ваше битие: духот, душата и телото, се до повторното доаѓање на нашиот Господ Исус Христос. 24 На Оној што ве одбра можете да Му верувате. Тој навистина ќе го стори тоа.
25 Драги пријатели христијани, молете се и за нас.
26 Поздравете се меѓусебно со свет бакнеж.
27 Ве задолжувам, во името на Господ, да го прочитате ова писмо пред сите христијани.
28 Нашиот Господ Исус Христос нека ви биде благонаклонет.
За богатството на Земјата и на небото
(Лк. 12:22-36; 16:13; Мт. 19:21; По 23:4-5) 19 „Не напластувајте си богатство овде на Земјава, каде што молци и ’рѓа го уништуваат и крадци провалуваат и го крадат, 20 туку напластувајте си богатство на небото, каде што ни молци ни ’рѓа го уништуваат, ниту пак крадци провалуваат и крадат. 21 Зашто, каде што ви е богатството, таму ќе ви биде и срцето.
Споредба со окото
22 Очите се светилка за телото; ако ти се здрави очите, целото тело ќе ти биде осветлено; 23 ако, пак, очите не ти се добри, целото тело ќе ти биде затемнето. Значи, ако тоа што во тебе треба да е светлина, всушност е темнина, колку ли е црна темнината!?
Или Бог или материјалното
24 Никој не може да им служи на двајца господари: или едниот ќе го сака, а другиот ќе го мрази, или пак едниот ќе го почитува, а другиот ќе го презира. Не можете да им служите и на Бога и на парите[a].
Copyright 1999 by HBC Radosna Vest