Book of Common Prayer
13 Постои и друга причина поради која ние постојано Му заблагодаруваме на Бог. Кога ја слушнавте од нас Божјата порака, вие ја прифативте не како порака што доаѓа од луѓе, туку како Божја порака, што таа навистина и е. Таа сега дејствува во вас кои поверувавте. 14 Драги пријатели христијани, вам ви се случија истите нешта што им се случуваат на Божјите цркви во Јудеја и на сите луѓе што Му се верни на Исус Христос. Вие настрадавте од вашите сонародници, исто како што тие страдаа од Евреите, 15 од оние што Го убија Господ Исус, што ги убиваа пророците, од оние што и нас жестоко не прогонуваа. Тие не Му се по волја на Бог. Непријателски се расположени спрема целото човештво. 16 Ни забрануваа да им проповедаме на луѓе што не се Евреи, за да не се спаси и некој што не е Евреин! Со тоа докрај се исполни списокот на нивните гревови. Сега Божјиот гнев конечно дојде и на нивна глава.
Павле сака повторно да ја посети црквата во Солун
17 Драги пријатели! Колку многу ни недостасувате, колку желно сакаме пак да ги видиме вашите лица, иако само кратко време сме одвоени од вас, се разбира физички, но не и во нашите мисли. 18 Сакавме да дојдеме кај вас. Јас, Павле, не еднаш се обидов, но Сатаната не спречи. 19 Конечно, што ни дава надеж и радост, со каков венец ние ќе се гордееме? Тоа сте вие! Кога нашиот Господ Исус повторно ќе дојде, ние со вас ќе се гордееме и ќе се радуваме. 20 Вие сте нашата слава и радост.
За гневот
21 „Познато ви е дека во Мојсеевиот Закон на вашите предци им било заповедано: ,Не убивај! Кој ќе изврши убиство, ќе му биде судено[a]!‘ 22 Јас, пак, ви велам: ,Секој што истура гнев против својот ближен, заслужува осуда! Знаете дека секој што ќе навреди ближен, бива изведен пред вашиот Врховен суд[b], а доколку го проколнуваш[c] својот ближен, можеш да завршиш и во огнениот пекол[d]!‘ 23 Така, кога ќе носиш жртвен прилог на Божјиот олтар, ако се сетиш дека твојот ближен ти е лут за нешто, 24 остави го твојот прилог таму пред олтарот и појди прво помири се со својот ближен, а потоа врати се и принеси го својот жртвен прилог.
25 Со секој што сака да те тужи пред законот, потруди се брзо да се спогодиш, уште додека сте заедно на патот, за да не те тужи на суд, а судот да те предаде на стражарите кои ќе те фрлат в затвор. 26 Те уверувам дека нема да излезеш оттаму додека до грош не си го исплатиш долгот!“
Copyright 1999 by HBC Radosna Vest