Book of Common Prayer
Мисијата на Павле во Солун
2 Вие, драги мои, знаете дека нашето доаѓање кај вас не беше загубено време. 2 Знаете како настрадавме и како не навредуваа во градот Филипи, пред да дојдеме кај вас. Сепак, Бог ни даде храброст, наспроти силното противење, и вам да ви ја пренесеме Неговата Радосна вест. 3 Тоа што ви го проповедавме не произлегува од заблуда, ниту пак е со нечисти мотиви, или со измами.
4 Зборуваме онака како што Бог бара од нас, зашто Тој не провери и утврди дека може да ни го довери проповедањето на Радосната вест. Затоа ние зборуваме, не со намера да им угодуваме на луѓето, туку да Му угодиме на Бог, на Оној што ги проверува мотивите на нашите срца. 5 Добро знаете дека ние не се обидовме да ве придобиеме со подмилкување. Бог ни е сведок дека не дојдовме кај вас со подмолна алчност за богатење. 6 Не бараме ни признание од луѓето: ниту од вас, ниту од други луѓе. 7 Како апостоли на Христос можевме да ви поставуваме разни барања, но ние многу внимателно се однесувавме со вас, како мајка доилка што со нежност се грижи за своите дечиња. 8 Толку ни станавте мили, толку се приврзавме спрема вас, што бевме решени не само да ви ја пренесеме Божјата Радосна вест, туку и душите свои да ги дадеме за вас.
9 Впрочем, драги пријатели, потсетете се како ние работевме и се трудевме. Ден и ноќ работевме за својата издршка, за да не му бидеме на товар на никого од вас додека ви ја проповедавме Божјата Радосна вест.
10 Вие и Бог сте ни сведоци дека нашето поведение спрема вас христијаните беше искрено, праведно и беспрекорно. 11 Знаете дека спрема секого од вас се однесувавме онака како што татко се однесува спрема своите деца. 12 Ве охрабрувавме, ве утешувавме и ве поттикнувавме да живеете онака како што прилега за Бог, Кој ве повикува да станете дел од Неговото царство и да учествувате во Неговата слава.
Осврт на Божјиот Закон
17 „Немојте да мислите дека сум дошол да ги укинам Божјиот Закон и учењата на пророците. Не дојдов да ги укинам, туку да ги исполнам. 18 Зашто, ве уверувам дека, се додека постојат небото и Земјата, ниту најмал детаљ од Божјиот Закон нема да се укине се додека целосно не се исполни! 19 Затоа, секој што ја прекршува макар и најмалата меѓу овие заповеди, па и другите луѓе ги учи така да прават - ќе биде најмал во небесното царство; додека, пак, секој што живее според Божјиот Закон, па и другите луѓе ги учи да прават така - ќе биде прогласен за голем во небесното царство. 20 Зашто, ви велам, доколку вашата праведност не ја надмине праведноста на сегашните вероучители и на фарисеите[a] - вие никогаш нема да влезете во небесното царство!“
Copyright 1999 by HBC Radosna Vest