Book of Common Prayer
Кога страдате неправедно
13 Ако ревносно правите добро, кој ќе ви напакости? 14 Па дури и ако страдате, борејќи се за правдата, Господ ќе ве награди. Затоа, немојте да се плашите од нивните закани, не губете си го спокојството. 15 Почитувајте Го Христос од се срце, како свој Господ. Бидете секогаш подготвени да му одговорите на секој што ќе ве праша за вашата христијанска вера[a]. 16 Одговарајте им на луѓето кротко и со страхопочит. Вашата совест треба да биде чиста. Тогаш оние што зборуваат против вас ќе бидат посрамени од вашето добро поведение, какво што и му прилега на еден следбеник на Христос. 17 Па ако Бог допушти и да страдате, подобро е да страдате поради тоа што вршите добро, отколку да страдате поради зли дела.
18 Па и Христос пострада,
кога умре за нашите гревови, еднаш засекогаш.
Тој беше безгрешен, но умре за нас грешните,
за да не врати кај Бог.
Телесно беше убиен, но преку Светиот Дух оживеа[b].
19 Тој отиде да им проповеда на духовите што лежат в затвор, 20 на оние што долго време во минатото беа непокорни, а Бог трпеливо ги чекаше, на оние што изгинаа во времето на Ное. Тогаш беше направен ковчегот во кој само неколкумина, односно осум души, се спасија од смрт преку водата.
21 Таа симболика го претставува крштавањето со кое сега сте спасени. Крштавањето не е отстранување на нечистотијата од телото, туку завет пред Бог што се дава со чиста совест. Тоа е сега можно затоа што Исус Христос воскресна.
22 Сега Христос е на небото и седи на почесно место - од десната[c] страна на Бог. Сите ангели, власти и сили се под Негова контрола.
Поттик на свет живот
4 Кога Христос, додека беше овде на Земјата, страдаше, и вие треба да бидете подготвени да страдате. Кога човек ќе умре, престанува да греши. 2 Ако „умревте“ со Христос, вие веќе нема да живеете водени од вашите телесни страсти, туку во текот на вашиот овоземен живот ќе ја исполнувате Божјата волја. 3 Доволно време потрошивте учествувајќи во она во што уживаат паганите: во неморал, незауздана похота, опивање, гозби, пијанки и одвратно идолопоклонство.
4 Вашите поранешни пријатели се чудат што вие не сте веќе со нив во тоа море од расипаност, па затоа зборуваат против вас. 5 Но тие ќе полагаат сметка пред Бог, Кој веќе е подготвен да им суди и на живите и на мртвите. 6 Токму заради ова, Радосната вест им беше проповедана и на оние што починаа. Иако телесно беа казнети со смрт, тие ќе живеат духовно, како што и Бог живее како Дух.
16 „Овие работи ви ги кажав за да не се исплашите. 2 Ќе бидете исклучувани од синагогите. И не само тоа, туку ќе дојде време кога ќе ве убиваат, и ќе мислат дека со тоа му прават услуга на Бог! 3 Тие ќе ги вршат овие работи затоа што не Го познаваат ниту небесниот Татко, ниту пак Мене Ме познаваат. 4 Ова ви го кажувам сега, та кога ќе дојде времето тоа да се исполни, да се сетите на ова што ви го кажав. На почетокот не ви зборував за ова, бидејќи бев со вас.“
Улогата на Светиот Дух
5 „А сега заминувам кај Оној што Ме испрати, па сепак, никој од вас не Ме прашува: ‚Каде заминуваш?‘ 6 Кога ви го кажав сето ова, срцата ви се исполнија со тага. 7 Но јас ви ја кажувам вистината: во ваша полза е Јас да заминам, зашто додека не заминам, Помошникот, Светиот Дух, нема да дојде кај вас. А штом Јас ќе заминам, ќе ви Го испратам. 8 Кога Светиот Дух ќе дојде, ќе му ја објави на светот вистината за гревот, за Божјата правда и за Судот. 9 Нивниот грев е во тоа што не веруваат во Мене. 10 Тие не ја согледаа Божјата правда, зашто Јас заминувам кај Таткото и повеќе нема да Ме гледате. 11 Тие не ја сфатија вистината за Судот, зашто кнезот на овој свет е веќе осуден.
12 Уште многу имам да ви зборувам, но сега не сте во состојба да поднесете. 13 Кога ќе дојде Духот на вистината, Тој ќе ве води во целосната вистина, зашто Тој нема да зборува Сам од Себе, туку ќе го зборува тоа што од Мене ќе го чуе, и ќе ви ја открие иднината. 14 Светиот Дух ќе Ме прослави Мене со тоа што ќе ви ја пренесе Мојата порака. 15 Се што има Таткото е Мое. Затоа ви реков дека Духот ќе ја земе пораката од Мене и ќе ви ја пренесе вам.“
Copyright 1999 by HBC Radosna Vest