Book of Common Prayer
8 Сметам, драги пријатели христијани, дека треба да знаете за страдањата низ кои ние поминавме во покраината Азија. Тие беа толку тешки и неподносливи, што загубивме секаква надеж дека ќе останеме живи. 9 Помисливме дека ќе умреме и престанавме да се потпираме на сопствените сили. Му се препуштивме на Бог, Кој и мртви може да воскресне. 10 Тој не избави од сигурна смрт и пак ќе не избавува. На Него се надеваме и знаеме дека ќе продолжи да не избавува. 11 Вие ни помагате со тоа што се молите за нас. Кога тие многубројни молитви ќе бидат одговорени и Бог ќе ни ја покаже својата дарежлива благонаклоност, многу луѓе ќе Му бидат благодарни.
Искреност и отвореност
12 Ние можеме да бидеме горди на нашата чиста совест. Спрема сите луѓе, а посебно спрема вас, бевме отворени[a] и искрени, онака како што Бог не учи. Не постапувавме онака како што телесен човек би сметал дека е мудро, туку не водеше Бог, Кој ни беше благонаклонет. 13 Моите писма се јасни. Нема ништо неразбирливо, или скриено меѓу редови. Се надевам дека еден ден се ќе ви биде јасно, 14 иако сега само делумно ви е јасно. Така, на денот кога нашиот Господ Исус ќе се врати, вие ќе се гордеете со нас, а ние со вас.
Причини за одлагање на посетата на Коринт
15 Со таа увереност имав намера да дојдам прво кај вас, и дури двапати да ви бидам полезен: 16 еднаш да ве посетам на одење накај Македонија, а потоа на враќање од Македонија повторно да свратам кај вас и оттаму вие да ме испратите за Јудеја.
17 Се надевам дека нема да ме обвините оти не си стојам на зборот и дека се однесувам како световните луѓе кои кога велат „да“ всушност мислат „не“. 18 Бог ми е сведок дека нашето „да“ не е двосмислено, па да значи и „не“, 19 затоа што Божјиот Син, Исус Христос, за Кого ви проповедавме јас, Силван и Тимотеј, не зборуваше двосмислено, туку она што ќе го кажеше секогаш беше и остануваше така како што е кажано[b]. 20 Сите Божји ветувања се исполнети во Него. Затоа, кога на Бог Му оддаваме слава преку Исус велиме „Амин[c]“. 21 Бог е Тој што и вам и нам ни дава сили да стоиме цврсто на страната на Христос. Тој не одбра, 22 го стави Својот печат врз нас и Го всели во нашите срца Својот Дух како потврда дека сме Негови.
Прашање за авторитетот на Исус
(Мт. 21:23
-27; Лк. 20:1-8) 27 Исус и Неговите ученици повторно дојдоа во Ерусалим. Додека Исус шеташе по храмот, Му пристапија свештеничките поглавари, вероучителите и старешините 28 и Го прашаа: „Со какво право го вршиш сето ова? Кој те овластил?“
29 Исус им одговори: „И Јас сакам нешто да ве прашам. Ако вие ми одговорите, тогаш и Јас ќе ви кажам кој Ме овластил да го правам сето ова. 30 Кажете ми, од каде му беше овластувањето на Јован Крстител да крштава: од Бога[a] или од луѓето?“ 31 Тие почнаа меѓу себе да си шепотат вака: Ако речеме „од Бога“, тогаш ќе ни рече: „Ами, зошто не му поверувавте!?“ 32 Ако пак речеме „од луѓето“, се плашиме од народот, зашто сиот народ го смета Јована за пророк. 33 Затоа вака Му одговорија на Исус: „Не знаеме!“ Но Исус им рече: „Тогаш ни Јас нема да ви кажам со какво право го вршам сето ова!“
Copyright 1999 by HBC Radosna Vest