Book of Common Prayer
Надеж во воскресението
13 Ние ќе продолжиме да проповедаме, бидејќи и ние ја имаме истата вера што ја имал псалмистот кога рекол: „Верував во Бог и затоа зборував[a].“ 14 Знаеме дека истиот оној Бог, Кој Го воскресна Господ Исус, и нас ќе не воскресне. Потоа, и нас и вас, заедно со Исус, ќе не доведе кај Себе. 15 Сето ова е за ваша полза. Така се повеќе и повеќе луѓе ќе дознаваат дека Бог дарежливо им е благонаклонет и ќе Му искажуваат благодарност, а Бог се повеќе ќе се прославува.
16 Затоа ние не се обесхрабруваме. Иако нашите тела постепено пропаѓаат, духот во нас[b] секојдневно се обновува. 17 Овие мали и привремени тешкотии низ кои минуваме ќе ни донесат неизмерна слава што ќе трае вечно. 18 Затоа ние не се сосредоточуваме на она што сега се гледа, туку на придобивките што допрва ќе се видат. Зашто се што е сега видливо е привремено, а тоа што еден ден ќе го видиме е вечно.
Слепиот Бартимеј од Јерихо
(Мт. 20:29-34; Лк. 18:35-43) 46 Исус и Неговите ученици пристигнаа во градот Јерихо. На излегување од градот многуброен народ одеше по нив. Покрај патот седеше еден питач, по име Бартимеј - син на Тимеј. 47 Кога слушна дека овде минува Исус Назареќанецот, тој почна да вика: „Исусе, Сине Давидов, покажи милост спрема мене!“ 48 Мнозина се обидуваа да го замолкнат, но тој уште погласно викаше: „Сине Давидов, покажи милост спрема мене!“ 49 Исус застана и рече: „Викнете го овде!“ Луѓето го повикаа слепиот и му говореа: „Не плаши се, дојди, Тој те вика!“ 50 Човекот го фрли своето палто, рипна и потрча кон Исус. 51 „Што сакаш да сторам за тебе?“ - го праша Исус. Слепиот одговори: „Учителе, сакам да прогледам!“ 52 Исус му рече: „В ред; твојата вера те исцели!“ Човекот веднаш прогледа и Му се придружи[a] на Исус.
Copyright 1999 by HBC Radosna Vest