Book of Common Prayer
ЗА ДУХОВНИТЕ ДАРБИ (ДАРОВИ)
12 А сега, драги пријатели христијани, сакам да ви напишам нешто и за духовните дарби, односно за даровите што Светиот Дух му ги дава на секој од нас, за да немате погрешна претстава по ова прашање. 2 Знаете дека кога бевте пагани вие бевте заведени и влечени кон обожавање на неми идоли. 3 Затоа сакам да ви кажам како да разликувате дали нешто е навистина од Бог: како што ниеден човек кој е воден од Божјиот Дух не може да Го колне Исуса, така и никој не може да исповеда дека Исус е Господ, доколку не е воден од Светиот Дух.
4 Постојат разни духовни дарби, но сите нив ги дава истиот Дух. 5 Постојат различни начини на кои секој од нас помага во Црквата, но сите ние работиме за истиот Господ. 6 Постојат различни начини на кои Бог дејствува во нашите животи, но преку сите нас работи истиот Бог. 7 Преку секој од нас, Светиот Дух дејствува за општа полза на сите.
8 На некои луѓе Светиот Дух им дал дарба мудро да зборуваат, на други им дал особено знаење. 9 Истиот Дух на едни луѓе им дава посебна вера, а на други - дарба да исцелуваат. 10 На некои луѓе им дава моќ да прават чуда, на други да пророкуваат; на некои луѓе им дава способност да распознаваат дали духот што зборува навистина е од Бог или не, на други да зборуваат на различни јазици, а на трети, пак, да преведуваат од различни јазици. 11 Сите овие нешта ги прави единствениот и истиот Свет Дух, Кој ги распоредува даровите онака како што лично Тој ќе реши.
Фарисеите бараат натприроден знак
(Мт. 16:1-4) 11 Група фарисеи дојдоа кај Исус и почнаа да се расправаат со Него. Со намера да Го искушуваат, тие бараа од Него да им изведе некое чудо со кое ќе докаже дека Тој доаѓа од небото. 12 Исус длабоко воздивна и рече: „Зошто постојано барате некаков чудотворен знак? Ве уверувам дека на вашата генерација таков знак нема да и се даде!“ 13 Потоа ги остави, се качи на бротчето и отплови на спротивната страна од езерото.
Алегоријата со квасецот
(Мт. 16:5-12) 14 Учениците на Исус заборавија да понесат леб со себе; во бротчето имаа само еден леб. 15 Исус им рече: „Внимавајте и чувајте се од квасецот на фарисеите[a] и на Ирод!“ 16 Разговарајќи меѓу себе, учениците заклучија: „Ни приговара зашто заборавивме да земеме леб!“
17 Но Исус, знаејќи што мислат, им рече: „Зошто го поврзувате ова со тоа што немате леб!? Како не можете веќе да сфатите!? Зар умовите ви се заспани!? 18 Имајќи си очи, не гледате, и имајќи си уши, не слушате! 19 Помните ли колку кошници ви останаа кога со пет леба нахранив пет илјади души?“ Тие Му одговорија: „Дванаесет!“ 20 Исус продолжи: „А колку кошници ви останаа кога со четири леба нахранив четири илјади души?“ Тие Му одговорија: „Седум!“ 21 „Сe уште не разбирате[b], нели?“ - им рече Исус.
Исус исцелува слеп човек во Бетцаида
22 Кога Исус и Неговите ученици отидоа во селото Бетцаида, некои луѓе Му донесоа еден слеп човек и Го молеа со допир да го излекува. 23 Исус го фати за рака и го изведе надвор од селото. Потоа со плунка му ги намачка очите и го праша дали нешто гледа. 24 Човекот го поткрена погледот и рече: „Гледам луѓе, но ги гледам нејасно како дрвја во движење.“ 25 Со Своите раце Исус повторно му ги допре очите. Тогаш човекот наполно прогледа и сe гледаше јасно. 26 Исус му рече: „Сега можеш да си одиш дома, но не наминувај во селото да раскажуваш за ова!“
Copyright 1999 by HBC Radosna Vest