Book of Common Prayer
16 Тоа што ја проповедам Радосната вест не го сметам за причина да се фалам. Се чувствувам должен тоа да го работам и тешко мене ако не ја проповедам Радосната вест!
17 Да го работев тоа по моја лична определба, ќе заслужував надомест. Но за мене тоа е обврска што Бог ми ја довери. 18 Тогаш, каква награда добивам јас? Тоа е честа да ја проповедам Радосната вест, без да имам материјална корист и без да ги искористувам правата што ми следуваат како на проповедник.
19 Јас не бев должен да им се покорувам на луѓето, бидејќи од нив не добивав плата[a], но сепак им станав слуга на сите за да ги доведам кај Христос. 20 Кога сум со Евреи, живеам како Евреин, за да ги доведам кај Христос. Тие му се потчинуваат на Мојсеевиот Закон, па и јас се придржувам кон истиот Закон, за да можам да ги доведам кај Христос, иако јас веќе не сум под тој Закон. 21 Кога сум со луѓе што не го признаваат Мојсеевиот Закон, го оставам Законот настрана, та и нив да ги доведам кај Христос. Се разбира, јас не живеам без закон, зашто го почитувам Божјиот Закон, односно, се раководам од Христовиот закон.
22 Кога сум со сиромаси[b] и јас живеам како нив, па и нив да ги доведам кај Христос. Кон сите се сообразив, сите начини ги применив за да спасам некои од нив. 23 Сето тоа го правам за да се шири Радосната вест, па и јас да уживам во благословите што таа ги носи.
24 Знаете дека на трката трчаат сите натпреварувачи, но само еден ја добива наградата. И вие треба да трчате со цел да победите! 25 Секој атлетичар се одрекува од многу нешта, за да добие награда што нема долго да вреди, а нашата награда вечно ќе вреди. 26 Јас не трчам кон нешто неизвесно, не удирам во празно, 27 туку го вежбам моето тело на издржливост и го обуздувам, за да не се случи, додека им проповедам на другите, самиот да испаднам од трката.
47 Доцна вечерта, додека Тој сe уште беше сам на копното, бротчето се наоѓаше некаде сред езерото. 48 Ги виде Своите ученици како се мачат, веслајќи спроти ветрот. Околу четири[a] часот наутро, Исус се упати кон нив, одејќи по површината на езерото, со намера да им се придружи.
49 Кога учениците Го видоа како оди по водата, помислија дека е дух, па од страв почнаа да викаат. Сите Го видоа и многу се исплашија. 50 Но Тој веднаш им проговори: „Не плашете се, Јас сум! Смирете се!“ 51 Потоа влезе кај нив, во бротчето, и ветрот наеднаш стивна. Учениците останаа наполно збунети! 52 Умовите им беа заслепени и не го сфатија значењето на претходната случка со лебовите.
Исцелувања во Генисаретскиот крај
(Мт. 14:34-36) 53 Исус и Неговите ученици го препловија езерото и пристигнаа на брегот кај градот Генисарет. 54 Кога излегоа од бротчето, луѓето Го препознаа Исуса. 55 Се растрчаа по целиот крај, донесувајќи му болни на носила, откако ќе утврдеа на кое место се наоѓа Тој. 56 Во кое село, град или населба Исус ќе влезеше, на пазарите и по улиците, луѓето Му носеа болни и Го молеа да им дозволи барем да ја допрат Неговата наметка. И секој што ќе Го допреше, оздравуваше.
Copyright 1999 by HBC Radosna Vest