Book of Common Prayer
ОДГОВОРИ НА НЕКОЛКУ ПРАШАЊА
1) За бракот и брачните односи
7 А сега да ви одговорам на прашањата што ми ги поставивте во вашето писмо. Прво: Да, добро е човек да не се жени[a]. 2 Но, поради опасност од блудства, секој маж треба да има своја жена и секоја жена свој маж.
3 Мажот нека ги исполнува брачните должности спрема својата сопруга, а исто така и жената спрема својот сопруг. 4 Телото на жената не е само нејзино, туку му припаѓа и на нејзиниот сопруг. Исто така и телото на мажот не е само негово, туку и на неговата сопруга. 5 Затоа, не лишувајте се еден од друг, освен, по исклучок, ако така заедно се договорите, и тоа нека биде само за извесно време и со цел да се посветите на молитва. Потоа вратете се на нормалниот интимен живот, за да не ве наведе на искушение Сатаната, користејќи ја вашата невоздржливост.
6 Ова ви го кажувам како нешто што е дозволено, а не како заповед. 7 Би сакал секој човек да биде самостоен, како што сум јас. Но не сме сите исти. Бог некого дарувал да живее во брак, а друг да живее како самец.
8 На неженетите и на оние чиј брачен другар починал, им препорачувам: да останат самостојни, како што сум и јас. 9 Но, ако не можат да издржат, нека стапат во брак, зашто подобро е да се во брак, отколку страста постојано да гори во нив.
ТРИ ГОЛЕМИ ЧУДА НА ИСУС
1) Исус смирува бура
(Мт. 8:23-27; Лк. 8:22-25) 35 Таа вечер, Исус им рече на Своите ученици: „Ајде да преминеме на другата страна од езероно!“ 36 Тие го отпуштија народот и испловија со бротчето во кое седеше Исус. Ги придружуваа и други бротчиња. 37 Одненадеж, голема бура го зафати езерото. Силни бранови удираа во бротчето и тоа беше во опасност да потоне.
38 Исус беше на задниот дел од бротчето и спиеше на перница. Учениците Го разбудија, викајќи: „Учителе, зар не ти е грижа што ќе загинеме!?“
39 Исус се разбуди и им заповеда на ветрот и на брановите: „Смирете се!“ Ветрот запре и настапи длабока тишина.
40 Потоа Исус им се обрати на учениците: „Зошто се исплашивте? Зар немате вера?“
41 А тие беа толку исплашени, што еден на друг си говореа: „Кој ќе е овој Човек кому и ветровите и брановите Му се покоруваат!?“
Copyright 1999 by HBC Radosna Vest