Book of Common Prayer
8 Веќе се заситивте, се збогативте, и без нас си создадовте свое царство. Камо навистина да создадевте царство, па и ние ќе можевме да владееме заедно со вас! 9 Понекогаш ми се чини дека нас апостолите Бог не поставил последни, како осуденици на смрт, јавно изложени на приказ пред целиот свет - и пред ангелите и пред луѓето!
10 Нас не сметаат за глупави, поради посветеноста спрема Христос, а вас верата во Христос ве направи мудри. Ние сме слаби и понижени, а вие сте моќни и почитувани. 11 Се до овој миг ние сме и гладни и жедни, во партали, тепани, без постојано место на живеење. 12 Работиме до изнемоштеност и се издржуваме од трудот на сопствените раце. Луѓето не навредуваат, а ние ги благословуваме. Не прогонуваат, а ние трпеливо поднесуваме. 13 Не напаѓаат, а ние одговараме со љубезни зборови. Се однесуваат спрема нас како да сме отпадок, како смет исфрлен од сите, се до денешен ден.
14 Не ви го пишувам ова за да ве посрамам, туку да ве посоветувам како мои мили деца. 15 Дури и да имате десет илјади учители што ќе ве поучуваат за Христос, имате само еден духовен татко. Јас ви ја донесов Радосната вест за Исус Христос и така станав ваш духовен татко. 16 Затоа ве молам да го следите мојот пример.
17 За таа цел го испратив кај вас Тимотеј. Тој е мое драго чедо и верен служител на Господ. Тој ќе ве потсети за она што јас го проповедам за Исус Христос по сите цркви каде што одам.
18 Некои од вас мислат дека јас никогаш веќе нема да дојдам во вашата црква, па се поставија на високо. 19 Но, ако даде Господ, наскоро ќе дојдам и ќе видам колку се силни оние што се креваат на големо, не на зборови, туку на дело. 20 Зашто Божјото царство не е празни зборови. Тоа е сила! 21 Што сакате: да дојдам кај вас со стап, или со љубов и со кроток дух!?
Масовно доаѓање кај Исус
7 Исус се повлече со Своите ученици по должината на езерското крајбрежје. По Него одеше голема толпа народ од Галилеја, 8 како и од Јудеја, од Ерусалим, од Идумеја и од други места на источната страна од реката Јордан. Доаѓаа и луѓе од поширокото подрачје на градовите Тир и Сидон. Сите тие дојдоа, откако беа слушнале за делата на Исус. 9 Тој беше принуден да им каже на Своите ученици во секое време да имаат подготвено бротче за Него, за да не Го згмечи народот.
10 Бидејќи исцелуваше мнозина, сите болни навалуваа кон Него, за да Го допрат. 11 А демонските духови паѓаа ничкум пред Исус и викаа: „Ти Си Божјиот Син!“ - 12 иако Тој строго им забрануваше да кажуваат кој е Тој.
Изборот на дванаесетте апостоли
(Мт. 10:1-4; Лк. 6:12-16) 13 Потоа Исус се упати кон гората, повикувајќи ги со Себе и оние што ги беше избрал. Тие Му се придружија. 14 Од нив Тој избра дванаесет души да бидат Негови апостоли: да Го придружуваат и да ги испраќа да проповедаат. 15 Исто така и да ги ослободуваат луѓето обземени од демони. 16 А дванаесеттемина беа овие: Симон, кого Исус го нарече Петар, 17 Завдаевите синови Јаков и Јован, кои Исус ги нарече „грмежливи синови[a]“, 18 Андреј, Филип, Бартоломеј, Матеј, Тома, Алфеевиот син Јаков, потоа Тадија, Симон Кананеецот[b], 19 и Јуда Искариот, кој подоцна стана предавник на Исус.
Copyright 1999 by HBC Radosna Vest