Book of Common Prayer
Мудроста што ја проповедал апостол Павле
2 Драги пријатели, кога дојдов кај вас да ви ја проповедам Божјата порака[a], јас не се служев со висок стил на зборување или со мудрување. 2 Сметав дека меѓу вас не треба да ги истакнувам моите сестрани познавања, туку да ви проповедам само за Исус Христос и за Неговото распнување на крстот.
3 Веројатно ви изгледав слаб, исплашен и растреперен. 4 Она што ви го зборував и проповедав не се состоеше од мудро составени говори за да ве убедам, туку Светиот Дух ја покажа Својата сила меѓу вас. 5 Постапив така за да се здобиете со вера втемелена на Божјата сила, а не на човечка мудрост.
6 Се разбира, кога сме меѓу зрели христијани, знаеме да одржуваме и мудри говори. Но тоа не е мудрост што произлегува од овој свет или мудрост што ги привлекува владетелите на овој свет, кои кратко траат. 7 Ние ја проповедаме Божјата таинствена мудрост која порано беше скриена, но Бог уште одамна ја беше предопределил во вечноста нам да ни донесе слава. 8 За жал, никој од денешните владетели не ја разбра, зашто да ја беа разбрале немаше да го распнат нашиот величествен Господ. 9 Ние го проповедаме она што во Светото Писмо е опишано вака:
„Око човечко не видело,
уво човечко не слушнало,
ниту пак човечкиот ум можел да го замисли
тоа што Бог го има приготвено за оние што Го сакаат[b].“
10 А нам Бог ни го има откриено тоа преку Својот Дух. Божјиот Дух знае се, вклучувајќи го и она што е длабоко во Божјиот ум. 11 Зашто, како што ниеден човек не може да му ги знае мислите на друг човек, освен неговиот сопствен дух, така никој не може да ги знае Божјите мисли, освен Божјиот Дух. 12 А Бог ни Го даде токму Својот Дух (не духот на овој свет), за да ги знаеме сите работи што ни ги подарил Тој.
13 Кога ви зборуваме за овие работи, ние не користиме зборови на човечка мудрост, туку зборови што ни се дадени од Божјиот Дух, Кој духовните работи ги објаснува со духовен речник[c].
Исус исцелува многу луѓе
(Мт. 8:14-17; Лк. 4:38-41) 29 Напуштајќи ја синагогата, во придружба на Јаков и Јован, Исус отиде во куќата на Симон и Андреј. 30 Таму Му кажаа дека тештата на Симон лежи болна со силна треска. 31 Исус влезе кај неа, ја фати за раката и ја поткрена. Треската веднаш и престана и таа почна да ги послужува.
32 Вечерта, по зајдисонце, сите што беа болни или обземени од демони ги доведуваа кај Исус. 33 Целиот град се собра пред вратата. 34 Исус ги исцелуваше сите заболени од најразлични болести и ги ослободуваше од демонски духови. Демоните знаеја Кој е Исус, но Тој не им дозволуваше да кажат.
35 Рано утредента, уште в мугри, Исус стана и отиде на молитва, сам, на тивко место. 36 Симон и другите тргнаа да Го бараат. 37 Кога Го најдоа, Му рекоа: „Сите Те бараат!“ 38 А Тој им одговори: „Да одиме на друго место, во соседните градови, за да им проповедам и ним, бидејќи за таа цел сум дојден.“ 39 Така Исус ја помина целата покраина Галилеја, проповедајќи по тамошните синагоги и ослободувајќи луѓе од демонска обземеност.
Исцелување на еден лепрозен човек
(Мт. 8:1-4; Лк. 5:12-16) 40 Еден човек, болен од лепра, дојде кај Исус, клекна на колена и почна да Го моли: „Ако сакаш, Ти можеш да ме исцелиш[a]!“ 41 Исус се сожали, испружи рака и го допре, велејќи му: „Сакам! Еве, те исцелувам!“ 42 Во истиот момент лепрата исчезна и човекот оздраве.
43 Испраќајќи го, Исус строго му нареди: 44 „Не кажувај никому за ова! Оди само кај свештеникот[b] и покажи му дека си здрав. Потоа принеси дар во храмот како што е пропишано со Мојсеевиот Закон, за да се увери јавноста.“
45 Но тукушто излезе, човекот почна на сите да им раскажува за случката, така што Исус повеќе не можеше јавно да се движи во градот. Престојуваше надвор од населените места, а народ од сите страни доаѓаше кај Него.
Copyright 1999 by HBC Radosna Vest