Book of Common Prayer
20 Зашто, ни филозофите, ни законодавците, ниту научниците на овој свет не не спасија! Бог ни покажа дека мудроста на овој свет е далеку од мудрост! 21 Кога мудриот Бог виде дека луѓето преку сопствената мудрост никогаш нема да дојдат до Него, реши да им обезбеди спасение на оние што ќе и поверуваат на оваа, навидум бесмислена порака што ние ја проповедаме[a]. 22 И додека Евреите бараат знаци од небото, а Грците мудруваат, 23 ние проповедаме за Христос Кој беше распнат за да не спаси. Тоа за Евреите е неприфатливо, а за другите народи - бесмислено! 24 Но за оние што се повикани од Бог да се спасат, без разлика дали се Евреи или се од другите народи[b], во Христос се покажа Божјата сила и Божјата мудрост. 25 Овој навидум неразумен Божји план е многу помудар и од најмудрите човечки планови, и она што ни изгледа слабо од Бог е многу помоќно од сета човечка моќ.
26 Погледнете се, драги мои, вие што сте од Бога одбрани: меѓу вас нема многумина што се мудри според човечки мерила, ни многу моќници или луѓе од благородничко потекло. 27 Напротив, Бог ги одбра оние што овој свет ги смета за прости, за да ги посрамоти оние што се сметаат за мудри. Бог ги одбра оние што во овој свет се немоќни, за да ги посрамоти моќниците. 28 Бог ги одбра оние што не се од благородничко потекло и оние што се презрени во овој свет, за да ги направи ништожни оние што овој свет ги смета за многу важни. 29 Така ниеден човек не ќе може да се фали пред Бог.
30 Бог ви овозможува и вам да се спасите преку Исус Христос, Кој стана наша мудрост од Бога, ни ја подари Својата праведност, не направи свети и ја плати цената за да не откупи. 31 Затоа, во Светото Писмо е напишано:
„Кој сака да се фали,
нека се фали само со она што го стори Господ[c].“
Почетоци на Исусовата служба
(Мт. 4:12-17; Лк. 4:14-15) 14 Подоцна, кога владетелот Ирод Антипа го затвори Јована Крстител, Исус отиде во Галилеја за да ја проповеда Божјата Радосна вест. 15 Говореше: „Дојде времето! Божјото царство се приближува! Покајте се и верувајте во Радосната вест!“
Исус ги избира првите ученици
(Мт. 4:18
-22; Лк. 5:1-11) 16 Одејќи по брегот на Галилејското Езеро, Исус ги забележа браќата Симон и Андреј. Тие беа рибари и ги поставуваа своите рибарски мрежи во езерото. 17 Исус им рече: „Тргнете по Мене и Јас ќе ве научам како да ловите луѓе, а не риби!“ 18 Двајцата браќа веднаш ги оставија своите мрежи и тргнаа по Него.
19 Малку понатаму, Исус ги забележа Завдаевите синови Јаков и Јован. Тие седеа во своето бротче и си ги крпеа рибарските мрежи. Веднаш ги повика и нив. 20 Оставајќи ги својот татко и наемните работници во бротчето, тие тргнаа по Исус.
Исус во Кафарнаум: сабота, во синагогата
(Лк. 4:31-37) 21 Придружуван од Своите ученици, Исус отиде во градот Кафарнаум. Во саботата, отиде во синагогата[a] и почна да ги поучува луѓето. 22 Сите беа восхитени од Неговото учење. Тој поучуваше со вистински авторитет, а не како вероучителите[b].
23 Одненадеж, во синагогата влезе еден човек обземен[c] со демонски дух и почна да вика: 24 „Што ќе ни сториш, Исусе од Назарет!? Дојде за да нe уништиш, нели!? Те знам Кој си: Ти си Божјиот Светец!“
25 Исус му заповеда на демонскиот дух: „Замолкни и излези од човекот!“ 26 Демонскиот дух го стресе човекот и со силна викотница излезе од него.
27 Луѓето останаа вчудовидени и си велеа еден на друг: „Што е ова? Некое ново и моќно учење! На демонски духови им заповеда и тие Му се покоруваат!“
28 Вестите за Исус бргу се раширија по цела Галилеја.
Copyright 1999 by HBC Radosna Vest