Book of Common Prayer
Благодарност за грижата и помошта
10 Господ ми даде голема радост што по толку долго време вие пак имавте можност да покажете дека се грижите за мене. Не дека престанавте да се грижите за мене, туку немавте можност да го покажете тоа. 11 Не го кажувам ова затоа што бев во беда. Се научив да бидам задоволен со тоа што го имам. 12 Знам како да живеам и во сиромаштија и во изобилие. Ја научив таа тајна, па сега секогаш и секаде сум задоволен, без разлика дали сум сит или гладен, дали имам многу или малку. 13 Со силата што Христос ми ја дава можам да издржам секакви услови.
14 Сепак, добро сте сториле што сте ми испратиле помош сега, кога ми е тешко. 15 Вие во Филипи, добро знаете дека кога заминав од Македонија, во раните денови на проповедањето на Радосната вест, вие бевте единствената црква што ми помагаше, единствените што го делеа со мене и доброто и злото. 16 Кога бев во Солун, не еднаш ми испраќавте помош, кога таа ми беше потребна. 17 Не барам јас подароци. Само сакам вие да добиете заслужена награда заради вашата грижа.
18 Сега, откако Епафродит ми ги предаде даровите што сте ми ги испратиле, имам се што ми треба, дури и повеќе. Тие се како принос за Бог со прекрасна миризба, жртва прифатлива и пријатна за Него. 19 Со сето Негово огромно богатство, преку Исус Христос, мојот Бог изобилно ќе ја задоволи секоја ваша потреба. 20 На нашиот Бог и Татко слава нека Му е довека! Амин.
20 Не молам само за овие Мои следбеници, туку и за оние што ќе поверуваат во Мене како резултат на нивното проповедање, 21 па така сите да бидат едно. Како што си Ти Татко во Мене и Јас во Тебе, така и тие да бидат во Нас, за да поверува светот дека Ти Ме испрати. 22 Јас им ја дадов истата слава што Ти ми ја даде, за да бидат едно, како што Ти и Јас сме едно. 23 Јас сум во нив, а Ти си во Мене; така и тие да бидат во целосно единство и светот да сфати дека Ти Ме испрати и дека ги сакаш Моите следбеници исто како што Ме сакаш Мене.
24 Татко, сакам да бидат таму со Мене сите што Ми ги имаш дадено, за да ја гледаат Мојата слава, што ми ја даде Ти, зашто Ме засака уште пред да биде создаден светот!
25 Праведен Татко! Светот Тебе не Те познава, но Јас Те познавам, а Моите следбеници сфатија дека Ти Ме испрати. 26 Јас им објавив за Тебе и ќе продолжам да Те објавувам. Тогаш љубовта што ја имаш Ти спрема Мене ќе стане дел од нив и Јас ќе бидам во единство со нив.“
Copyright 1999 by HBC Radosna Vest