Book of Common Prayer
3 За крај, драги мои, радувајте се што Му припаѓате на Господ. Мене не ми е тешко одново да ви го напишам истото нешто што веќе порано сум ви го пишувал, бидејќи тоа ќе придонесе да се заштитите.
2 Чувајте се од тие зли луѓе, од тие кучиња што тврдат дека обрежувањето е неопходно! Тоа е лажна побожност! 3 Ние, а не тие, сме обрежани на вистинскиот начин, зашто преку (Светиот) Дух Му служиме на Бог и се гордееме со Исус Христос. Ние не ја полагаме својата вера во телесни вредности. 4 Јас, се разбира, би можел да се потпрам на телесните вредности. Ако некој мисли дека може да се потпира на телесни вредности, нека знае дека јас имам многу повеќе причини така да мислам. 5 Обрежан сум кога сум имал осум дена, Израелец сум по раѓање, од племето на Бинјамин - чистокрвен Евреин. Им припаѓав на фарисеите, што подразбира стриктно придржување кон верските закони. 6 Бев толку ревносен, што дури ги прогонував христијаните[a]. Толку колку што човек може да биде праведен со почитување на заповедите од верскиот Закон, јас беспрекорно се придржував до нив.
7 Но сите тие нешта што порано толку многу ми значеа, сега, кога верувам во Христос, ги сметам за безвредни[b]. 8 И уште повеќе, сметам дека се е рамно на загуба во споредба со таа скапоцена придобивка: да се познава Исус Христос, мојот Господ. Заради Него се откажав од сите тие телесни вредности и ги сметам за обичен смет. Христос е се што ми треба. 9 Со Него сакам да бидам, не преку моја сопствена праведност, што би произлегувала од придржување кон верскиот Закон, туку преку праведност што се добива заради вера во Христос, праведност што доаѓа од Бог, врз основа на вера. 10 Сакам длабоко да Го запознаам Христос, да ја доживеам силата што Го воскресна, да искусам дел од Неговите страдања и да се идентификувам со Неговата смрт, 11 па така некако да стигнам до воскреснување од мртвите.
Исус на суд пред Пилат
(Матеј 27:1-2, 11-14; Марко 15:1-5; Лука 23:1-5) 28 Беше рано наутро кога Го одведоа Исуса откај Кајафа до палатата на гувернерот[a]. Евреите не влегоа во палатата, зашто секаква близина со неевреи би ги опоганила, и тие не би можеле да ја јадат Пасхалната вечера. 29 Пилат излезе кај нив и ги праша: „Какво обвинение поднесувате против Овој човек?“
30 Тие му одговорија: „Да не беше Овој човек злосторник, зар ќе ти го доведовме!?“
31 Но Пилат им рече: „Земете Го и судете Му според вашиот Закон!“ „Нам не ни е дозволено да извршуваме смртна пресуда над никого“ - му рекоа Евреите. 32 Така започна да се исполнува она што го рече Исус за начинот[b] на кој Тој ќе умре.
33 Тогаш Пилат се врати во палатата, Го повика Исуса, и Го праша: „Ти ли си царот на Евреите?“ 34 Исус одговори: „Од тебе ли потекнува ова прашање, или други ти кажувале за Мене?“
35 „Зар сум јас Евреин?“ - одговори Пилат. „Твојот народ и свештеничките поглавари Те предадоа кај мене. Што си сторил?“
36 Исус одговори: „Моето царство не е од овој свет. Да беше Моето царство од овој свет, Моите следбеници ќе се бореа да не им паднам во рацете на еврејските верски водачи. Не, Моето царство не е одовде.“
37 Тогаш Пилат Му рече: „Значи, сепак Ти си цар!?“ „Ти рече дека сум цар“ - одговори Исус. „Јас се родив и дојдов на светот за да бидам сведок за вистината. Секој што ја сака вистината, ќе познае дека ја зборувам вистината и ќе Ме слуша.“
38 Пилат Го праша Исуса: „Што е тоа вистина?“ Штом го рече тоа, повторно излезе кај Евреите и им рече: „Јас не наоѓам никаква вина кај Него.
Copyright 1999 by HBC Radosna Vest