Book of Common Prayer
Величественоста на Новиот завет
7 Мојсеевиот Закон беше врежан само на камени плочи, па сепак беше даден со таков блесок што луѓето не можеа да гледаат во лицето на Мојсеј, иако сјајот што тој го имаше полека бледнееше. Ако тој Закон што води во смрт беше даден на така величествен начин, 8 колку повеличествено ќе биде дејствувањето на Светиот Дух!? 9 Ако Стариот завет што доведе до осуда на сите луѓе беше толку величествен, тогаш колку повеличествен ќе биде Новиот завет што ни овозможува да се стекнеме со праведност пред Бог! 10 Токму поради тоа што новото е далеку повеличествено, старото го загуби својот сјај! 11 Ако Стариот завет, кој веќе е надминат, беше величествен, тогаш колку повеличествен ќе биде Новиот завет, чија слава ќе трае вечно!?
12 Токму поради тоа што имаме таква прекрасна надеж, можеме толку смело да настапуваме. 13 Ние не сме како Мојсеј, кој ставаше превез врз лицето, за да не забележат луѓето дека сјајот на неговото лице бледнее и исчезнува. 14 Но умовите им закоравеа, па и ден-денес, кога го читаат Стариот завет, превез им ги покрива умовите и тие не можат да ја согледаат вистината. Тој превез се отстранува само кога човек ќе поверува во Христос. 15 Да, дури и денес, кога ги читаат Мојсеевите книги, превез им ги покрива срцата и тие не разбираат.
16 Но кога човек ќе се сврти кон Господ, превезот се отстранува. 17 Господ е во единство со Духот и каде што е присутен Господовиот Дух, Тој донесува слобода. 18 Сите ние, пред чии лица нема превез, сме одраз на славата Господова, како во огледало. Со помош на Господовиот Дух доживуваме преобразба и стануваме се послични на нашиот славен Господ.
Петар Го препознава Исуса како Месија
(Матеј 16:13-19; Марко 8:27-29) 18 Еднаш, кога Исус се молеше на тивко место, со Него беа само Неговите ученици. Тогаш Тој ги праша: „За Кого Ме сметаат луѓето?“ 19 Тие Му одговорија: „Едни велат дека си Јован Крстител, други дека си пророкот Илија, а трети дека си еден од старите пророци кој воскреснал од мртвите.“ 20 „А за Кого Ме сметате вие?“ Петар одговори: „Ти Си Месијата[a] испратен од Бог!“
Исус првпат ја најавува Својата смрт
(Матеј 16:20-28; Марко 8:30-9:1) 21 Тогаш Исус строго им заповеда да не го кажуваат ова никому. 22 Им го рече уште и тоа, дека Тој, Синот Човечки[b], мора многу да страда, отфрлен од старешините, од високото свештенство и од вероучителите; дека ќе биде убиен и дека ќе воскресне на третиот ден.
Да се биде христијанин има своја цена
23 Потоа Исус им се обрати на сите: „Тој што сака да биде Мој следбеник, треба да се откаже од своите себични амбиции, секојдневно да го носи својот крст и да тргне по Моите стапки. 24 Секој што сака да си го чува животот само за себе - ќе го загуби; а тој што ќе го загуби животот заради Мене - ќе го спаси.
25 Дали е добивка за човекот ако го добие и целиот свет, а себеси се изгуби и упропасти? 26 Ако некој се срами од Мене и Моето учење, и Јас, Синот Човечки, ќе се срамам од него кога ќе дојдам во Својата слава и во славата на небесниот Татко и на светите ангели. 27 Ве уверувам дека меѓу вас што стоите овде, има некои што нема да умрат додека не Го видат Божјото царство.“
Copyright 1999 by HBC Radosna Vest