Book of Common Prayer
Второ писмо од апостол Павле до
Тимотеј
Авторство и поздрави
1 Од Павле, апостол на Исус Христос, кој по Божја волја проповеда за животот што Бог го вети преку вера во Исус Христос.
2 До Тимотеј, кој ми е како вистински син.
Ти посакувам Бог, Кој е наш Татко, и Исус Христос, Кој е наш Господ, да ти бидат благонаклонети, да покажат милост спрема тебе и да ти дадат мир.
Поттик на верност
3 Благодарен сум Му на Бог за тебе. Нему Му служам со чиста совест, онака како што Му служеле и моите предци. Постојано те спомнувам во моите молитви и деноноќно Му се молам на Бог за тебе. 4 Се сеќавам како пророни солзи при нашата разделба и копнеам пак да те видам, за повторно да се исполнам со радост.
5 Знам дека имаш искрена вера. Така поверува прво баба ти Лоида, потоа мајка ти Евника, а убеден сум дека и ти веруваш во Господ исто толку искрено. 6 Затоа те потсетувам да го разгоруваш во себе Божјиот дар што го доби кога положив раце врз тебе. 7 Божјиот Дух не создаде од нас плашливци. Напротив, ни даде сила, љубов и самодисциплина.
8 Затоа, немој да се срамиш да им зборуваш на луѓето за нашиот Господ. Немој да се срамиш ни од мене, сега кога сум в затвор поради тоа што проповедам за Господ. Искористи ја силата што ти ја дава Бог и придружи ми се во ширењето на Радосната вест, дури и ако треба заради тоа да поминеш низ страдања.
9 Бог не спаси и не одбра да живееме свет живот, не поради тоа што ние со нашите постапки тоа го заслужуваме, туку затоа што тоа беше Негов план уште пред почетокот на времето - да ни ја искаже Својата благонаклоност преку Исус Христос. 10 Сега, со доаѓањето на нашиот Спасител Исус Христос, тоа ни стана јасно. Од една страна, Тој ја порази смртта, а од друга страна, преку Радосната вест, ни го покажа патот кон вечниот живот.
11 Бог ме постави за проповедник, апостол и учител[a] на Радосната вест. 12 Тоа е причината поради која сега страдам в затвор. Но не се срамам! Јас знам во Кого верувам и убеден сум дека Тој ќе ми го запази она што сум Му го доверил[b], се до Оној Ден[c]. 13 Придржувај се до здравото учење што го доби од мене, а верноста и љубовта на Исус Христос нека ти бидат пример. 14 Со помош на Светиот Дух, Кој живее во нас, чувај го она што Бог ти го довери.
20 А меѓу оние што дојдоа на поклонение за време на празникот имаше и некои Грци. 21 Тие му пристапија на Филип, кој беше од Бетцаида во Галилеја, и му рекоа: „Господине, сакаме да се сретнеме со Исус!“ 22 Филип отиде и му кажа на Андреј. Потоа, Андреј и Филип отидоа заедно и Му кажаа на Исус.
23 Тогаш Исус им одговори: „Дојде време Синот Човечки да влезе во Својата слава.
24 Ве уверувам дека, доколку пченичното зрно не падне во земјата и не умре, тоа ќе остане само едно зрно. Ако, пак, умре, тоа ќе произведе многу нови зрна. 25 Човек што себично сака да си го задржи животот, ќе го загуби, а оној што мрази[a] да го живее својот живот само на овој свет, ќе добие вечен живот. 26 Кој сака да Ми служи, тој мора да Ми се придружи, зашто и Мојот слуга треба да биде таму каде што сум Јас. А секој што Мене Ми служи, ќе биде почитуван од Мојот небесен Татко.“
Copyright 1999 by HBC Radosna Vest