Book of Common Prayer
Верата победува
5 Секој што верува дека Исус е Месијата[a], е препородено Божјо чедо. Секој што го сака Родителот, ќе ги сака и Неговите чеда. 2 По што знаеме дека ги сакаме Божјите чеда? По тоа што Го сакаме Бога и ги извршуваме Неговите заповеди. 3 Да Го сакаме Бога значи да се придржуваме до Неговите заповеди без тие да ни претставуваат бреме.
4 Секој што е препородено Божјо чедо може да надвладее против светот. Таа победа против светот се постигнува преку вера во Христос. 5 Кој друг ќе го победи овој свет, ако не оние што веруваат дека Исус е Божјиот Син!?
Тројно сведоштво за Исус
6 Христос ни беше објавен како Божји Син преку Неговото крштавање во водата и преку пролевањето на Неговата крв на крстот[b]. Не само преку вода, туку преку вода и крв. Светиот Дух ни сведочи за тоа, а Нему може да Му се верува. 7 Значи постојат тројца сведоци[c]: 8 Духот, водата и крвта, и сведоштвата на сите тројца сведоци се совпаѓаат.
9 Ако прифаќаме сведочење од човек, Божјото сведоштво е уште посилно. Затоа ние го прифаќаме она што Бог ни го сведочи за Својот Син. 10 Секој што верува во Божјиот Син, го има ова сведоштво во своето срце. Оние што не Му веруваат на Бог, Го прогласуваат Бога за лажливец, бидејќи не Му веруваат на сведоштвото што го даде Тој за Својот Син.
11 Сведоштвото кажува дека Бог ни даде вечен живот и тој живот доаѓа од Неговиот Син. 12 Кој го има Божјиот Син, има вечен живот. Кој го нема Божјиот Син, нема вечен живот.
Завера против Исус
(Матеј 26:1-5; Марко 14:1-2; Лука 22:1-2) 45 Тогаш мнозина од Евреите, кои беа дојдени кај Марија и видоа што направи Исус, поверуваа во Него. 46 Но некои од нив отидоа кај фарисеите и им кажаа што направи Исус. 47 Тогаш свештеничките поглавари и фарисеите го свикаа Синедрионот[a] и почнаа да се советуваат: „Што да правиме? Овој човек прави многу чуда! 48 Ако го оставиме да продолжи вака сите ќе поверуваат во Него, па ќе дојдат Римјаните и ќе ни ги уништат и храмот и нацијата[b]!“
49 Тогаш еден од нив, по име Кајафа, кој таа година беше Првосвештеник, им рече: „Вие ништо не разбирате! 50 Не сфаќате ли дека е подобро еден човек да умре за народот, отколку целата нација да ни биде уништена!?“
51 Ова тој не го кажа од себе, туку, бидејќи таа година беше Првосвештеник, тој прорече дека Исус мора да умре за еврејскиот народ. 52 И не само за тој народ, туку и за да ги собере и обедини во едно сите распрснати Божји чеда. 53 Од тој ден, еврејските верски водачи решија да Го убијат Исуса.
54 Поради тоа, Исус повеќе не можеше слободно да патува по Јудеја. Тој оттаму замина кон пределот близу до пустината. Влезе во едно гратче по име Ефраим и таму остана со Своите ученици.
Copyright 1999 by HBC Radosna Vest