Book of Common Prayer
12 Ви пишувам вам, чеда Божји,
бидејќи вашите гревови се простени
благодарејќи Му на Исус Христос.
13 Ви пишувам вам, родители,
бидејќи вие Го знаете Христос,
Оној што постои уште од самиот почеток.
Ви пишувам вам, млади луѓе,
бидејќи ја добивте битката против Злиот.
14 Ви напишав вам, деца,
бидејќи вие Го спознавте Таткото.
Ви напишав вам, родители,
бидејќи вие Го знаете Христос,
Оној што постои уште од самиот почеток.
Ви напишав вам, млади луѓе,
вие сте силни, зашто
Божјото Слово живее во вас
и вие ја добивте битката против Злиот.
15 Немојте да го сакате овој свет и она што тој ви го нуди, зашто ако го сакате овој свет, во вас нема љубов спрема небесниот Татко. 16 Тоа што го нуди светот: телесните похоти, желбата да се има се што ќе се види, гордоста заради богатството што се поседува - не е од небесниот Татко, туку од овој свет. 17 А овој свет и световните похоти се краткотрајни; само оној што ја исполнува Божјата волја останува вечно.
Исус како добар Пастир
10 Ве уверувам дека, штом некој не влегува низ вратата на трлото, туку се обидува да прескокне на друго место, тој е крадец и разбојник. 2 Вистинскиот пастир на овците влегува низ вратата. 3 Нему вратарот Му отвора. Овците го слушаат Неговиот глас, а Тој ги повикува Своите овци по име и ги изведува. 4 Кога ќе ги изведе сите Свои овци, Тој оди пред нив, а Неговите овци Го следат, бидејќи Му го познаваат гласот. 5 Тие никогаш нема да следат туѓинец[a], туку ќе бегаат од него, бидејќи не му го познаваат гласот.“ 6 Исус им ја кажа оваа алегорична приказна, но тие не разбраа што сакаше да им каже.
7 Тогаш Исус повторно им рече: „Ве уверувам дека Јас сум вратата за овците. 8 Сите[b] што дојдоа пред Мене беа крадци и разбојници, но Божјите овци не ги послушаа. 9 Јас сум вратата. Секој што ќе влезе преку Мене, ќе се спаси; ќе може да влегува, да излегува[c] и да наоѓа пасиште. 10 Крадецот доаѓа само за да украде, да убие и да уништи. Јас дојдов за да дадам живот - и тоа живот во сета негова полнота.
11 Јас сум добриот Пастир. Добриот пастир го дава Својот живот за овците. 12 Наемникот не е вистински пастир; овците не се негови, и кога тој ќе забележи дека се приближува волк ги остава овците и бега. Тогаш волкот го напаѓа стадото и го распрснува. 13 Наемникот бега, зашто е наемник и не му е грижа за овците.
14 Јас сум добриот Пастир. Јас ги познавам Моите овци и тие Ме знаат Мене, 15 како што Таткото Ме знае Мене, и како што Јас Го знам Таткото. И Својот живот го давам за овците. 16 Имам и други овци, кои не се од ова стадо. И нив треба да ги приберам, кога ќе го слушнат Мојот глас. Тогаш ќе има едно стадо и еден Пастир. 17 Таткото Ме сака, бидејќи Јас го давам Својот живот за повторно да си го земам. 18 Никој не ми го одзема животот, туку Јас доброволно го давам. Имам моќ да го дадам Својот живот и имам моќ повторно да си го вратам. Ова овластување го примив од Мојот Татко.“
Copyright 1999 by HBC Radosna Vest