Book of Common Prayer
Прво писмо од апостол
Јован
Вовед
1 Ви пишуваме за Исус Христос, Зборот на животот, Оној што постои уште од самиот почеток. Со свои уши Го слушнавме, со свои очи Го видовме, со свои раце Го допревме.
2 Оној што дава живот се појави! Го видовме и подготвени сме да ви сведочиме за тоа. Сакаме да ви кажеме за овој вечен Живот што беше со небесниот Татко и се појави пред нас. 3 Ви го кажуваме она што го видовме и чувме, за да ни се придружите и вие во општењето што го имаме со Таткото и со Неговиот Син, Исус Христос. 4 Ви го пишуваме ова, за да биде целосна нашата[a] радост.
Бог е светлина - Да живееме во светлина
5 Ова е пораката што ја слушнавме од Исус и ви ја пренесуваме: Бог е светлина. Во Него нема ни трошка темнина.
6 Ако кажеме дека општиме со Бог, а живееме во темнина, лажеме и не се придржуваме до вистината. 7 Но ако живееме во светлина, како што и Бог е во светлина, тогаш навистина ќе општиме еден со друг, а крвта на Божјиот Син, Исус Христос, ќе не исчистува од секој грев.
8 Ако тврдиме дека не грешиме, самите се лажеме и одбиваме да ја прифатиме вистината. 9 Но ако Му ги признаваме своите гревови на Бог, Тој е правичен и ќе си го одржи ветувањето: ќе ни ги прости гревовите и ќе не исчисти од сета неправедност.
10 Ако тврдиме дека не сме грешни, Бога Го правиме лажливец и покажуваме дека Неговото Слово не навлегло во нас.
9 Одејќи така, Исус виде еден човек, кој беше слеп од раѓање. 2 Неговите ученици Го запрашаа: „Учителе, зошто овој човек се родил слеп? Дали поради негов грев или поради грев на неговите родители?“
3 „Неговото слепило не е ни поради негов грев, ни поради грев на неговите родители“ - им одговори Исус. „Но поради неговото слепило, ќе се пројават Божјите дела над него. 4 Додека е ден, ние треба да го извршуваме тоа што од Мене го сака Оној што Ме испрати. Доаѓа ноќ, кога никој не ќе може да работи. 5 Додека сум во светот, Јас сум Светлина за светот.“
6 Штом го рече тоа, Исус плукна на земјата и со плунката направи кал. Со неа му ги намачка очите на слепиот 7 и му рече: „Оди, измиј се во бањата Шилоах[a]“ (во превод значи: ,Испратен‘). Тој отиде, и откако се изми, се врати гледајќи!
8 Неговите соседи и оние што порано го гледаа како проси, велеа: „Зар овој не е човекот што седеше и просеше?“ 9 Едни велеа: „Тој е!“ Други велеа: „Не е тој, туку само личи на него!“ А самиот тој велеше: „Јас сум тој човек!“
10 Тогаш тие го прашаа: „Па како ти се отворија очите?“
11 Тој им одговори: „Еден човек, по име Исус, направи кал, ми ги намачка очите и ми рече: ,Оди во бањата Шилоах и измиј се!‘ Откако отидов и се измив - прогледав!“
12 Тие го прашаа: „Каде е Тој човек?“
„Не знам“ - одговори тој.
13 Потоа го доведоа човекот што порано беше слеп кај фарисеите. 14 А тој ден кога Исус направи кал и му ги отвори очите беше сабота[b]. 15 Фарисеите повторно почнаа да го распрашуваат, како прогледал. „Ми стави кал на очите“ - им одговори тој - „Потоа се измив, и еве - гледам!“
16 Тогаш некои од фарисеите рекоа: „Овој човек не е од Бога, бидејќи не ја почитува[c] саботата!“ Други, пак, велеа: „Како може грешен човек да прави вакви чуда!?“ Во врска со ова, се јави раздор меѓу нив.
17 Затоа повторно му се обратија на слепиот: „Што мислиш ти за човекот што ти ги отворил очите?“
„Пророк е!“ - одговори тој.
Copyright 1999 by HBC Radosna Vest