Book of Common Prayer
12 Затоа,
„подигнете ги премалените раце и зацврстете ги треперливите колена[a]!“
13 Чекорете по рамниот пат, за да не се онеспособат слабите и сакатите, туку напротив, да оздрават!
Да не отстапуваме од верата
14 Трудете се да живеете во мир со секого и да живеете свет живот, зашто без светост никој не ќе може да Го види Господа! 15 Бидете внимателни, за никој да не ја испушти Божјата милостива благонаклоност. Да не изрти меѓу вас некој горчлив корен кој ќе вознемири и затруе мнозина! 16 Будно внимавајте некој да не стане блудник или безбожник, како што беше Исав, кој за еден единствен оброк си го продаде првородството[b]! 17 Знаете дека, подоцна, кога тој сакаше да го добие татковиот благослов, беше одбиен. Со ништо веќе не можеше да ја промени[c] својата поранешна постапка, иако со солзи молеше.
Стариот и Новиот завет
18 Вие сега не пристапувате кон материјална планина како тогашните Израелци кон Синај, ни кон разгорен оган, ни кон темни облаци, ни кон луња, 19 ни кон звук на труба, ниту кон силен глас (Израелците слушнаа таков глас, па молеа другпат да не им зборува!) 20 Тие не можеа да ја поднесат заповедта: „Дури и животно ако се допре до планината - да биде погубено со каменување[d]!“ 21 Целата таа глетка беше толку страшна, што и самиот Мојсеј изјави: „Толку сум исплашен што треперам од страв!“
22 Напротив, вие сега дојдовте на гората Сион и во небесниот Ерусалим! Тоа е градот на живиот Бог, полн со свечен собир на неброени ангели. 23 Тука се собрани првородените Божји чеда, чии имиња се запишани на небесата. Тука е Бог, Судијата на целиот човечки род. Тука се и душите на праведниците, кои сега се доведени до совршенство. 24 Тука е Исус, посредникот на Новиот завет меѓу Бог и луѓето, чија пролеана крв ветува многу подобри[e] нешта од крвта на Авел!
25 Значи, внимавајте да не одбиете да Го слушате Бога, Кој ви зборува! Никој од луѓето што не го послушаа Мојсеј, кој овде на Земјата им ја говореше Божјата порака, не се извлече! Колку потешко ќе биде да се извлечеме ние, ако не Го слушаме Оној што ни зборува од небото! 26 Тогаш, кога од гората Синај говореше Бог, земјата се тресеше од Неговиот глас; овојпат, Тој ни ветува: „Повторно ќе ја затресам Земјата, а со неа и небото!“ 27 Зборот „повторно“ недвосмислено значи дека се што е создадено еден ден ќе биде разнишано и однесено. Ќе останат само оние нешта кои не можат да бидат разнишани, а тоа се вечните вредности.
28 Затоа, ние треба да бидеме благодарни што ни е дадено Царство кое не е подложно на никаков потрес! Да Му служиме на Бог со благодарност и на богоугоден начин, со страхопочит и чествување, 29 зашто нашиот Бог е оган што проголтува!
14 Кон средината на празникот, Исус се искачи во храмот и почна да поучува. 15 Тогаш еврејските верски водачи се зачудија и рекоа: „Од каде Му на Овој Човек такво знаење, кога никогаш не се школувал[a]!?“
16 Исус, пак, им одговори: „Тоа што го проповедам не сум го измислил Јас, туку произлегува од Бога, Кој Ме испрати. 17 Тој што сака да ја извршува Божјата волја, ќе знае дали ова учење е од Бога, или Јас во Свое име зборувам. 18 Тој што зборува во свое име се обидува себеси да се прослави. Човекот, пак, што настојува да го прослави Оној што Го испратил, е чесен и во Него нема неправда. 19 Зар Мојсеј не ви го даде Божјиот закон? Па сепак, никој од вас не постапува според тој Закон, туку сакате да Ме убиете!“
20 „Ти си полудел!“ - му одговорија од толпата - „Кој сака да те убие!?“
21 Исус им одговори: „Исцелив еден човек во сабота и сите се стаписавте! 22 Мојсеј ви го воспостави обрежувањето (не дека е од Мојсеј, туку од патријарсите е), и вие и во саботен ден ги обрежувате вашите синови. 23 Штом вршите обрежување во саботен ден и сметате дека со тоа не се прекршува Законот на Мојсеј, тогаш зошто сте бесни на Мене поради тоа што исцелив[b] човек во сабота!? 24 Не судете површно, туку судете справедливо!“
Дали Исус е Месијата?
25 Тогаш некои од жителите на Ерусалим рекоа: „Зар не е овој човекот што Го бараат за да Го убијат? 26 А ете, Тој јавно зборува и никој ништо не Му вели! Можеби старешините сфатиле дека Тој е Месијата!? 27 Но сите ние знаеме од каде е овој човек, а кога ќе дојде Месијата - никој нема да знае од каде е!“
28 Додека поучуваше во храмот, Исус извика:
„Дали навистина Ме знаете и дали знаете од каде Сум? Јас не дојдов Сам од Себе! Тој што Ме испрати е вистинит, но вие не Го познавате. 29 А Јас Го знам Тој што Ме прати, зашто од Него дојдов.“
30 Тогаш сакаа да Го уапсат, но никој не крена рака на Него, зашто се уште не беше дошол часот што Тој го определи[c] за тоа. 31 Од толпата народ собрана во храмот, многумина поверуваа во Него и говореа: „Кога ќе дојде Месијата зарем ќе направи повеќе чуда од Овој Човек!?“
Потера за апсење на Исус
32 Кога фарисеите слушнаа дека толпата народ така шепоти за Исус, во договор со свештеничките поглавари испратија стражари[d] за да Го уапсат Исуса.
33 Но Исус им рече:
„Кај вас ќе бидам уште малку време, а потоа ќе се вратам кај Оној што Ме испрати. 34 Ќе Ме барате, но нема да можете да Ме најдете, зашто вие не можете да дојдете таму каде што ќе бидам Јас.“
35 Еврејските верски водачи почнаа да се прашуваат еден со друг:
„Каде наумил да оди, кога вели дека нема да можеме да Го најдеме!? Да нема намера да оди кај грчката дијаспора, за да ги поучува Грците? 36 Што значат овие Негови изјави: ,Ќе Ме барате, но нема да можете да Ме најдете‘ и ,вие не можете да дојдете таму каде што ќе бидам Јас‘?“
Copyright 1999 by HBC Radosna Vest