Book of Common Prayer
Павловата служба: проповедање на Радосната вест
24 Страдам, но се радувам, затоа што знам дека вие од тоа ќе имате корист. Мило ми е што со моето телесно страдање и јас придонесувам кон страдањата на Исус за Црквата, која е Негово тело. 25 Бог ми даде задолжение да и служам на Црквата и ме испрати кај вас да ви ја проповедам Неговата порака, во сета нејзина полнота. 26 Со векови оваа порака беше тајна за луѓето, а сега таа им е објаснета на Неговите свети луѓе. 27 Бог го стори ова бидејќи сакаше вие што не сте Евреи да ја разберете таа прекрасна, величествена тајна: дека Христос живее во вас и заради тоа вие со право се надевате дека ќе имате свој удел во Божјата слава.
28 Ние токму за Христос проповедаме и ја употребуваме сета наша мудрост, за да ги предупредиме и поучиме сите луѓе, па сите да станат зрели Христови следбеници. 29 Затоа јас толку напорно работам, користејќи ја силата што Тој ми ја дава.
Грижа за чиста вера
2 Сакам да знаете низ колкава агонија минувам заради вас, заради христијаните во Лаодикеја и заради сите други христијани што досега не ме имаат ни сретнато. 2 Целта ми е да ги охрабрам, сплотени во љубов целосно да ја разберат Божјата тајна, а тоа е Христос, за да сфатат какво богатство е човек да ја има таа сигурност. 3 Во Христос се кријат сите ризници на Божјата мудрост и знаење!
4 Ви го кажувам ова за да не дозволите никој да ве разубедува и да ве измами. 5 Иако не сум меѓу вас, постојано ве имам во мислите. Мило ми е што гледам дека живеете уредно и дека вашата вера во Христос е цврста.
Христос, а не обичаи, храна или слави
6 Вие Го прифативте Исус Христос како свој Господ. Продолжете да живеете во послушност спрема Него. 7 Пуштете корени во Него, од Него црпете, за да растете и да се зацврстувате во верата, онака како што ве учевме. Бидете Му бесконечно благодарни на Господ.
Исус
- Светлина на светот 12 Подоцна, Исус повторно им зборуваше на фарисеите: „Јас сум Светлината на светот! Секој што ќе биде Мој следбеник ќе ја има животодавната Светлина и никогаш нема да талка во темнина!“
13 Тогаш фарисеите Му рекоа: „Еве, сега Самиот сведочиш за Себе! Значи, Твоето сведоштво не е веродостојно!“
14 Исус им одговори: „И да сведочам Сам за Себе, тоа што го кажувам е веродостојно, затоа што Јас знам од каде дојдов и каде заминувам. А вие не знаете ниту од каде доаѓам, ниту каде заминувам. 15 Вие судите според човечки мерила, а Јас никого не судам. 16 А, и ако судам, Мојот суд е справедлив, бидејќи тоа не го правам Сам, туку заедно со Таткото што Ме испрати. 17 Во вашиот Закон стои запишано дека сведоштвото од двајца[a] се смета за веродостојно. 18 Јас сведочам за Себе и Мојот Татко што Ме испрати сведочи за Мене.“
19 Тогаш тие Го прашаа: „Каде е Твојот Татко?“ Исус им одговори: „Ниту Мене Ме познавате, ниту Мојот Татко Го познавате! Кога би Ме знаеле Мене, би Го знаеле и Мојот Татко!“
Copyright 1999 by HBC Radosna Vest