Book of Common Prayer
Надеж во воскресението
13 Ние ќе продолжиме да проповедаме, бидејќи и ние ја имаме истата вера што ја имал псалмистот кога рекол: „Верував во Бог и затоа зборував[a].“ 14 Знаеме дека истиот оној Бог, Кој Го воскресна Господ Исус, и нас ќе не воскресне. Потоа, и нас и вас, заедно со Исус, ќе не доведе кај Себе. 15 Сето ова е за ваша полза. Така се повеќе и повеќе луѓе ќе дознаваат дека Бог дарежливо им е благонаклонет и ќе Му искажуваат благодарност, а Бог се повеќе ќе се прославува.
16 Затоа ние не се обесхрабруваме. Иако нашите тела постепено пропаѓаат, духот во нас[b] секојдневно се обновува. 17 Овие мали и привремени тешкотии низ кои минуваме ќе ни донесат неизмерна слава што ќе трае вечно. 18 Затоа ние не се сосредоточуваме на она што сега се гледа, туку на придобивките што допрва ќе се видат. Зашто се што е сега видливо е привремено, а тоа што еден ден ќе го видиме е вечно.
Очекуваме нови, вечни тела
5 Знаеме дека кога ќе пропадне овој ,шатор‘ во кој сега живееме, односно, нашето овоземно тело, не очекуваат на небото вечни домови направени од Бог, а не од човечка рака. 2 Во нашите сегашни тела офкаме и копнееме по денот кога како нова облека ќе ги облечеме нашите небесни тела, 3 зашто ние нема да бидеме голи духови, без тела, туку ќе ги облечеме нашите нови, небесни тела. 4 Додека живееме во овој овоземен шатор, односно во нашите смртни тела, офкаме бидејќи имаме мака. Но ние не копнееме по тоа да умреме и да останеме без тела, туку со нетрпение чекаме да се преселиме во нашите нови тела, па вечниот живот да го проголта ова смртно тело. 5 Бог не подготви за тоа и ни Го даде Светиот Дух како гаранција дека тоа навистина ќе се случи.
6 Затоа ние секогаш сме смели, и покрај тоа што се додека сме во ова овоземно тело, ние не сме дома, кај Господ. 7 Верата е она што не движи напред, а не тоа што сега го гледаме. 8 Храбри сме, бидејќи повеќе сакаме да се иселиме од ова наше овоземно тело и да си одиме дома, кај Господ. 9 Затоа, било да сме дома кај Господ, или да сме овде, сакаме да го работиме тоа што Нему Му е по волја. 10 Секој од нас ќе треба да се појави пред Христовиот суд, за да го прими она што го заслужил со своите добри или лоши постапки додека бил во овоземното тело.
Скржавиот богатник и сиромавиот Лазар
19 „Си беше еднаш еден многу богат човек, кој се облекуваше во скапоцена и модерна облека, секој ден се гоштаваше и живееше раскошно. 20 А имаше и еден сиромашен човек, по име Лазар, целиот во рани, кој просеше пред портите на богатиот, 21 копнеејќи да се прехрани од она што се фрлаше од трпезата на богатиот, таму, каде што и пците доаѓаа да му ги лижат раните.
22 Кога почина сиромавиот, ангелите го одведоа на небото, каде што е Авраам[a]. Почина и богатиот и беше погребан. 23 Тој заврши во адот, во страшни маки, од каде што во далечините го забележа Авраама, а до него и Лазара, 24 па извика: ,Татко Аврааме! Имај милост спрема мене и испрати ми го Лазар со намокрен прст да ми го разлади јазикот, зашто страшно се измачувам во овој оган!‘ 25 А Авраам му рече: ,Сети се, синко, дека во твојот живот ти ги имаше сите добри работи, а Лазар сите лоши. Сега, тој ужива овде, а ти се мачиш. 26 Освен тоа, меѓу нас и вас има длабока бездна преку која никој не може да помине ни одовде таму, ни оттаму ваму.‘ 27 А бившиот богатник рече: ,Тогаш, те молам, татко Аврааме, испрати го Лазар во домот на татко ми, 28 каде што имам петмина браќа; нека ги предупреди сериозно, за да не втасаат и тие на ова страшно место на измачување!‘ 29 А Авраам му одговори: ,Тие ги имаат светите писма на Мојсеј и на пророците за да ги предупредуваат; нив нека ги почитуваат.‘ 30 Но тој пак продолжи: ,Не, татко Аврааме, тоа нема да ги обрати; само ако им дојде некој од мртвите, тие ќе се обратат!‘ 31 Во заклучок, Авраам му одговори: ,Ако не ги слушаат учењата на Мојсеј и на пророците нема да поверуваат дури ни ако некој воскресне од мртвите!‘“
Copyright 1999 by HBC Radosna Vest