Book of Common Prayer
Мисионерската задача на апостол Павле
14 Уверен сум, драги пријатели христијани, дека вие сте полни со добрина, дека имате солидно знаење и дека сте способни еден со друг да се поучувате. 15 Сепак, си зедов слобода да ви пишам за некои работи, за да ве потсетам. Бог ми беше благонаклонет и 16 ме зеде во служба на Исус Христос меѓу нееврејските народи, за да извршувам една света задача: ширење на Божјата Радосна вест. На тој начин Светиот Дух ќе може да направи од нееврејските народи принос што ќе биде свет и прифатлив за Бог.
17 Сега, кога сум во служба на Исус Христос, се гордеам со тоа што го работам за Бог. 18 Се осмелувам да зборувам само за она што Христос го изврши преку мене, за тоа како ме испрати да проповедам со зборови и со дела, за да се обратат и оние што не се Евреи. 19 Зборувам за тоа како Христос правеше чуда и им даваше чудотворни знаци на луѓето со силата на Светиот Дух. Им ја проповедам во целост Радосната вест за Христос, почнувајќи од Ерусалим, па се до Илирија[a].
20 Мојата цел е да ја проповедам Радосната вест онаму каде што се уште не слушнале за Христос, зашто не сакам да градам врз туѓ темел. 21 Напротив, сакам да правам онака како што е напишано во Светото Писмо:
„Ќе им се отворат очите на народите на кои
не им беше кажувано за Господ,
ќе разберат оние што
за Него не беа чуле[b].“
Намерата на Павле да го посети Рим
22 Мојата желба да ве посетам и вас, во Рим, беше многупати одложувана токму поради тоа што проповедав по таквите земји. 23 Сега, меѓутоа, за мене повеќе нема поле за работа во овие краишта. Бидејќи веќе повеќе години имам желба да дојдам кај вас, во Рим, 24 ќе ве посетам кога ќе одам за Шпанија. Се надевам дека на поминување ќе се видам со вас и дека вие, откако барем малку ќе ви се изнарадувам, ќе ме испратите понатаму.
Исус му е предаден на Пилат
(Мк. 15:1; Лк. 23:1-2; Јвн. 18:28-32) 27 На разденување, се состанаа сите свештенички поглавари и народни старешини и решија да побараат од римските власти Исус да биде погубен. 2 Го врзаа и Го одведоа кај римскиот гувернер Пилат.
Самоубиството на Јуда
(Дела 1:18-19) 3 Кога предавникот Јуда разбра дека Исус е осуден на смрт, кај него се јави грижа на совеста, па им ги врати триесетте сребреници на свештеничките поглавари и на старешините, изјавувајќи: 4 „Згрешив, бидејќи предадов невин човек!“ Но тие му одговорија: „Што имаме ние со тоа? Тоа си е твоја работа!“
5 Тогаш Јуда ги фрли сребрениците во храмот, си замина оттаму и се обеси. 6 Свештеничките поглавари ги собраа парите и рекоа: „Овие пари беа дадени за да се погуби човек; затоа не смеат да се стават во црковната каса!“ 7 Одржаа состанок на кој решија да се купи ,грнчаревата нива[a]‘ и да се користи како гробишта за туѓинци. 8 Поради ова, таа нива до денес се вика ,Крвна нива‘. 9 На тој начин се исполнија зборовите на пророкот Еремија:
„Ги зедоа триесетте сребреници,
цена што за Непроценливиот ја определија Израелците.
10 Ги платија за нивата на грнчарот,
како што Господ ми објави[b].“
Copyright 1999 by HBC Radosna Vest