Book of Common Prayer
Загриженост за христијаните во Коринт
11 Почнав неразумно да зборувам, но вие ме принудивте. Вие требаше да ме фалите! Иако и јас сум никој и ништо, сепак во ништо не заостанувам зад тие ваши ‚големи апостоли‘. 12 Додека бев кај вас, ви дадов доволно докази дека јас навистина сум апостол испратен од Бог. Со голема стрпливост ви беа покажани многу видливи докази, чуда и големи дела. 13 Во што бевте запоставени во споредба со другите цркви, освен што не ви бев на товар и издршка? Простете ми што во тоа сум ве ‚онеправдал!‘
14 Еве, готов сум и по третпат да дојдам кај вас. Нема да ви бидам на товар, зашто не барам ништо материјално од вас. Вие сте ми важни. Впрочем, не се децата тие што треба да обезбедуваат храна за родителите, туку обратно: родителите ги хранат децата. 15 Од моја страна, јас со задоволство ќе потрошам се што имам, па и самиот себе ќе се потрошам, за да ги нахранам вашите души. Но се чини дека, колку повеќе јас ве засакувам, толку помалку вие мене ме сакате.
16 Нека биде така. Ќе се согласите дека со ништо не ви бев на товар. Некој може да рече: „Беше таков за лукаво, со измама да не придобие!“ 17 Дали јас или некој од оние што ги испраќав кај вас ве искористувале? 18 На моја молба Тит дојде кај вас, придружуван уште од еден брат. Зар Тит ве искористуваше? Зар тој не оди по моите стапки? Зар и него не го водат истите мотиви што ме водат и мене?
19 Можеби ќе си помислите дека ние сега сакаме да се правдаме пред вас. Не! Ви зборуваме како Христови слуги и знаеме дека Бог не слуша. Се што правиме, драги пријатели, е за да ве изградиме. 20 Се плашам дека, кога ќе дојдам кај вас, нема да ве затекнам онакви какви што сакам да бидете, поради што ни јас спрема вас нема да бидам онаков каков што вие би сакале да бидам. Се плашам дека меѓу вас ќе затекнам кавги, љубомора, лутина, соперништво, озборувања, омаловажувања, самобендисаност и безредие. 21 Страхувам Бог да не ме посрами пред вас, зашто многу ќе се нажалам поради оние што порано грешеле, а досега не се покајале за неморалот, блудот и развратот што ги направиле.
Тесен е патот кон небото
13 „Влезот во Божјото царство е низ тесна врата, а мнозинството луѓе одат по широкиот и лесен пат кој води во пропаст! 14 А мала е вратата и тесен е патот што водат во вечен живот, и мал број луѓе го наоѓаат.“
За лажните пророци
(Лк.6:43-45) 15 „Чувајте се од лажни пророци; тие доаѓаат кај вас во овча кожа, но однатре се грабливи волци. 16 По нивните плодови ќе ги распознаете: трнот сигурно не раѓа грозје, ниту пак чичката раѓа смокви! 17 Секое питомо дрво раѓа питоми плодови, а секое диво дрво раѓа диви плодови. 18 Од питомото дрво не може да произлезе див плод, ниту пак од дивото дрво може да произлезе питом плод. 19 А дрвјата кои не раѓаат питоми плодови се сечат и се горат! 20 Така, значи, по нивните плодови ќе ги распознаете.“
Вистински и лажни верници
(Лк. 6:47-49; 13:25-27) 21 „Во небесното царство нема да влезе секој човек што ми се обраќа со ,Господе, Господе‘, туку само оние кои го извршуваат она што од нив го бара Мојот небесен Татко.
Copyright 1999 by HBC Radosna Vest