Book of Common Prayer
ОДЛИКИ НА ВИСТИНСКИТЕ АПОСТОЛИ
11 Се надевам дека ќе ме истрпите, дури и ако не зборувам мошне мудро. Ве молам, истрпете ме! 2 Љубоморен сум на вас, онака како што е љубоморен и Бог! Ве ‚свршив‘ за еден Свршеник, за Христос, за да ве доведам кај Него чисти како девица, 3 но се плашам вашите умови да не бидат заведени и да не отстапите од вашата целосна[a] и чиста посветеност на Христос. Се плашам да не бидете измамени онака како што змијата со итрина ја измами Ева. 4 Ние ви проповедаме за Исус, и вие го примивте Светиот Дух и ја прифативте Радосната вест. Но сега дозволувате да ви проповедаат за некаков друг Исус, за примање на некаков друг дух и за прифаќање на некаква друга порака!
5 Јас не се сметам за помалку вреден од тие ‚супер апостоли‘. 6 Ако и не сум толку вешт говорник, моето знаење не е ништо помало од нивното. Тоа на сите полиња ви го докажавме, и тоа јавно, пред сите.
1) Работа без наплаќање
7 Згрешив ли што бесплатно ви ја проповедав Радосната вест, понижувајќи се себеси за вас да ве издигнам? 8 Додека работев кај вас, добивав издршка од другите цркви. Живеев на нивни товар, за да ви служам вам. 9 Никого од вас не обременував кога запаѓав во скудност. За моите потреби се погрижија браќата од Македонија. Внимавав, а и понатаму ќе внимавам, никому од вам да не му бидам на товар. 10 Како што цврсто ја имам вистината за Христос во себе, така цврсто ви велам дека никој не ќе може да ме спречи со гордост да зборувам за ова по цела Ахаја! 11 Зошто го велам ова? Зар затоа што не ве сакам? Бог знае дека искрено ве сакам.
12 Ќе продолжам и во иднина да работам онака како што работев и досега, за да не им дадам можност на тие други ‚апостоли‘ да се изедначуваат со нас и да се фалат дека се исти како нас. 13 Тие се лажни апостоли! Се служат со измами и се преправаат во апостоли на Христос. 14 Немојте да се чудите на ова! И самиот Сатана може да се преправа во ангел на светлината! 15 Тогаш не е необично ако и неговите слуги се преправаат во службеници на праведноста. Но на крајот тие ќе си ја добијат казната што ја заслужиле со своите зли постапки.
2) Голема пожртвуваност
16 Ќе повторам: не би сакал никој од вас да смета дека сум неразумен! Но ако е веќе така, ислушајте ме како неразумен, па барем да можам малку сам себеси да се пофалам! 17 Самофалбата е нешто што Господ не го сака и затоа се чувствувам неразумно. 18 Но кога веќе толку многу луѓе се фалат со своите човечки достигања, ќе се пофалам и јас. 19 Впрочем, иако вие се сметате за мудри, со задоволство ги слушате неразумните! 20 Не ви пречи кога некој ве третира како робови, ве искористува, ве ограбува, ве понижува и ви удира шлаканици! 21 Се срамам што ние за вакви работи се покажавме неспособни!
Знам дека е неразумно ова што ќе го кажам, но ако некој има смелост така да се фали, имам смелост и јас.
За постот
(Иса. 58:5-12) 16 „И кога постите, не бидете намуртени како лицемерите; тие си го изобличуваат лицето за да забележат луѓето дека постат. Ве уверувам дека друга награда за нив ќе нема! 17 А ти, кога постиш, дотерај си ја косата и разведри си го лицето, 18 за да не те познаат луѓето дека постиш; доволно е што знае твојот небесен Татко, Кој го гледа тоа што е тајно, за што ќе те награди јавно. “
За богатството на Земјата и на небото
(Лк. 12:22-36; 16:13; Мт. 19:21; По 23:4-5) 19 „Не напластувајте си богатство овде на Земјава, каде што молци и ’рѓа го уништуваат и крадци провалуваат и го крадат, 20 туку напластувајте си богатство на небото, каде што ни молци ни ’рѓа го уништуваат, ниту пак крадци провалуваат и крадат. 21 Зашто, каде што ви е богатството, таму ќе ви биде и срцето.
Споредба со окото
22 Очите се светилка за телото; ако ти се здрави очите, целото тело ќе ти биде осветлено; 23 ако, пак, очите не ти се добри, целото тело ќе ти биде затемнето. Значи, ако тоа што во тебе треба да е светлина, всушност е темнина, колку ли е црна темнината!?
Copyright 1999 by HBC Radosna Vest