Book of Common Prayer
Павле зборува за овластувањата што ги има од Бог
10 Сега јас, Павле, лично ве молам со кроткост и љубезност какви што би покажал Христос, да ме послушате, иако некои од вас зборувале дека сум бил строг, кога сум далеку од вас, а малодушен кога сум кај вас. 2 Не би сакал да бидам принуден да покажам строгост спрема оние што тврдат дека нас не водат телесни мотиви. 3 Ние сме од крв и месо, ама не војуваме со телесни, световни методи. 4 Не сме вооружени со човечки оружја, туку со моќните Божји оружја. Со нив ги уриваме сатанските упоришта 5 и ги соборуваме сите зли мудрувања и се друго што ги попречува луѓето да Го запознаат Бога. Ја поразуваме секоја бунтовна човечка мисла и ја учиме да Му биде послушна на Христос. 6 Ние сме готови да ги казниме оние што не се послушни во се, но дури откако вие ќе покажете дека сте целосно послушни.
7 Многу површно гледате на работите[a]! Треба да ви биде јасно дека и ние Му припаѓаме на Христос исто толку колку што за себе го тврдат тоа оние што гордо изјавуваат дека се Христови! 8 Дури и ако претерано сум го истакнувал авторитетот што Господ ни го даде, јас од тоа не се срамам, бидејќи тоа било за да ве изградуваме, а не да ве уриваме.
9 Не сакам да звучи како да се обидувам да ве заплашам со моите писма. 10 Слушам дека некои велат за мене: „Неговите писма се сериозни и строги, но кога е овде кај нас, тој е слаб и неговите говори се безвредни!“ 11 На таквите луѓе им порачуваме дека онакви какви што сме на зборови, во нашите писма, сега кога не сме кај вас, исти такви ќе бидеме и на дела, кога ќе дојдеме кај вас!
Против самофалби
12 Ние не се ни осмелуваме да се изедначуваме или споредуваме со оние што имаат толку високо мислење за себе. Тие постапуваат неразумно, зашто се вреднуваат себеси со свои мерки па испаѓа дека се споредуваат сами со себе!
13 А ние не сакаме да се фалиме без мера, туку исклучиво според мерката што ни ја даде Бог, а таа мерка е да допреме до сите луѓе, па и до вас. 14 Ние не го протегаме своето дејствување на места кои не сме ги досегнале; всушност, ние први стигнавме до вас, проповедајќи ви ја Радосната вест од Христос. 15 Така, ние не се фалиме со плодови околу кои други се труделе, туку се надеваме дека вашата вера ќе зајакне, па да можеме и да ја прошириме својата работа во вашиот крај, 16 а потоа да ја проповедаме Радосната вест и на други места, подалеку од вас, каде што никој претходно не проповедал. Така нема да може да ни се приговори дека се фалиме со резултати што некој друг ги постигнал.
17 Но, Светото Писмо вели:
„Ако некој се фали,
нека се фали со она што Господ го прави[b]!“
18 Зашто кога некој сам себеси се фали, тоа не е вистинска препорака. А кога Господ некого ќе пофали, таквиот навистина е достоен.
7 Кога се молите, не редете празни зборови, како што тоа го прават оние што не Го познаваат Бога, мислејќи дека ќе бидат услишани поради својата речовитост. 8 Не бидете како нив, зашто вашиот небесен Татко ги знае вашите потреби уште пред да Го молите за нив. 9 Затоа, молете се вака:
,Татко наш, Кој си на небесата: нека се почитува Твоето Име!
10 Нека дојде Твоето царство, нека се извршува Твојата волја овде на Земјата, како што се извршува на небото.
11 Дај ни ја неопходната храна за денешниот ден.
12 Прости ни ги нашите гревови, како што и ние веќе им простивме на оние што нам ни згрешија.
13 Не оставај да им потклекнеме на искушенијата, но избави не од Лукавиот‘. (Зашто Тебе Ти припаѓаат и Царството, и силата, и славата, за вечни векови, амин[a].) 14 Зашто, доколку вие им ги простувате гревовите на другите, ќе ви ги прости и вам вашиот небесен Татко. 15 Но, ако вие не им простувате на луѓето, ни вашиот небесен Татко нема вам да ви ги прости вашите гревови.“
Copyright 1999 by HBC Radosna Vest