Book of Common Prayer
Второ писмо од апостол Павле до христијаните во
Коринт
Авторство и поздрави
1 Од Павле, наименуван од Бог да Му биде апостол на Исус Христос,
и од нашиот драг брат Тимотеј,
до Божјата црква во градот Коринт и до сите христијани во цела Ахаја[a].
2 Ви посакувам Бог, нашиот небесен Татко, и Господ Исус Христос да ви бидат благонаклонети и да ви дадат мир.
Утешителот Бог
3 Благословен нека е Бог, Кој е и Татко на нашиот Господ Исус Христос, Татко на милосрдието и Бог од Кој ни доаѓа секоја утеха! 4 Во секоја наша невола не утешува, за да можеме и ние да ги утешуваме другите што се во некаква невола, со истата утеха со која Бог нас не утешува. 5 Колку повеќе страдаме за Христос, толку повеќе Бог ќе не опсипе со утеха преку Христос. 6 Кога ние страдаме, тоа е за ваше добро и за ваше спасение, зашто кога Бог ќе не утеши нас, тоа и за вас ќе претставува охрабрување и така ќе бидете поподготвени трпеливо да поминете низ истите страдања низ кои ние сега минуваме. 7 Имаме цврста верба во вас, иако знаеме дека сега минувате низ страдања низ кои и ние сме минувале, но ќе бидете утешени на истиот начин на кој и ние бевме утешени.
8 Сметам, драги пријатели христијани, дека треба да знаете за страдањата низ кои ние поминавме во покраината Азија. Тие беа толку тешки и неподносливи, што загубивме секаква надеж дека ќе останеме живи. 9 Помисливме дека ќе умреме и престанавме да се потпираме на сопствените сили. Му се препуштивме на Бог, Кој и мртви може да воскресне. 10 Тој не избави од сигурна смрт и пак ќе не избавува. На Него се надеваме и знаеме дека ќе продолжи да не избавува. 11 Вие ни помагате со тоа што се молите за нас. Кога тие многубројни молитви ќе бидат одговорени и Бог ќе ни ја покаже својата дарежлива благонаклоност, многу луѓе ќе Му бидат благодарни.
ИСУСОВАТА ПРОПОВЕД НА ГОРАТА
5 Кога Исус виде толку народ, се искачи на ридот, па откако седна, Му пристапија Неговите ученици 2 и Тој започна да ги поучува вака:
Кого ќе благослови Господ?
3 „Благословени се оние кои се чувствуваат духовно сиромашни, зашто на таквите им припаѓа небесното царство!
4 Благословени се оние што тагуваат, зашто ќе бидат утешени!
5 Благословени се кротките луѓе, зашто тие ќе бидат наследниците на Земјата!
6 Благословени се луѓето кои се гладни и жедни за правда, зашто тие ќе бидат задоволени!
7 Благословени се милостивите луѓе, зашто тие ќе бидат помилувани!
8 Благословени се луѓето со чисто срце, зашто тие ќе Го видат Бога!
9 Благословени се миротворците, зашто тие ќе бидат прогласени за Божји деца!
10 Благословени се прогонуваните поради тоа што се справедливи, зашто ним им припаѓа небесното царство!
11 Благословени сте и вие ако ве навредуваат и прогонуваат поради тоа што сте Мои следбеници и ако изнесуваат злобни лаги против вас. 12 Радувајте се и ликувајте, зашто на небото ве чека голема награда; така беа прогонувани и Божјите пророци кои живееја пред вас.“
Copyright 1999 by HBC Radosna Vest