Add parallel Print Page Options

Очекуваме нови, вечни тела

Знаеме дека кога ќе пропадне овој ,шатор‘ во кој сега живееме, односно, нашето овоземно тело, не очекуваат на небото вечни домови направени од Бог, а не од човечка рака. Во нашите сегашни тела офкаме и копнееме по денот кога како нова облека ќе ги облечеме нашите небесни тела, зашто ние нема да бидеме голи духови, без тела, туку ќе ги облечеме нашите нови, небесни тела. Додека живееме во овој овоземен шатор, односно во нашите смртни тела, офкаме бидејќи имаме мака. Но ние не копнееме по тоа да умреме и да останеме без тела, туку со нетрпение чекаме да се преселиме во нашите нови тела, па вечниот живот да го проголта ова смртно тело. Бог не подготви за тоа и ни Го даде Светиот Дух како гаранција дека тоа навистина ќе се случи.

Затоа ние секогаш сме смели, и покрај тоа што се додека сме во ова овоземно тело, ние не сме дома, кај Господ. Верата е она што не движи напред, а не тоа што сега го гледаме. Храбри сме, бидејќи повеќе сакаме да се иселиме од ова наше овоземно тело и да си одиме дома, кај Господ. Затоа, било да сме дома кај Господ, или да сме овде, сакаме да го работиме тоа што Нему Му е по волја. 10 Секој од нас ќе треба да се појави пред Христовиот суд, за да го прими она што го заслужил со своите добри или лоши постапки додека бил во овоземното тело.

Ние сме Божји амбасадори

11 Ние имаме страхопочит спрема Господ, и затоа со сите сили се обидуваме да им всадиме вера и на другите луѓе. Бог знае дека сме искрени, а се надевам дека длабоко во себе и вие знаете какви луѓе сме. 12 Не, не ни е намерата да ви се наметнуваме, туку да ви дадеме аргументи за да се гордеете со нас, и да можете да им одговорите на оние што се фалат со својата надворешност, а не со внатрешни квалитети. 13 Ако ви изгледаме надвор од себе, тоа е за да Му донесеме слава на Бог. Ако, пак, разумот не води, тоа е за ваша полза. 14 Што и да работиме, тоа е затоа што не раководи[a] љубовта на Христос. Како што веруваме дека Христос умре за сите луѓе, така веруваме и дека сите ние умревме за стариот начин на живот што го живеевме. 15 Тој умре за сите нас и затоа тие што го прифаќаат од Него подарениот живот, нема веќе да живеат за да си угодуваат самите на себе, туку ќе живеат за да Му угодат на Христос, Кој умре и воскресна за нив.

16 Затоа, ние веќе никого не вреднуваме според телесните постигнувања. Ако порано така гледавме на Христос сега веќе не гледаме така. 17 Тоа значи дека кога некој ќе стане христијанин, тој е веќе нова личност. Не е веќе ист како порано, зашто со стариот живот е веќе завршено. Започнува нов живот!

18 Тој нов живот доаѓа од Бог, Кој, преку Христос, не помири со Себе и ни ја довери задачата да им објаснуваме на луѓето како и тие да се помират со Него. 19 Нашата порака е дека Бог беше во Христос и му понуди помирување на целиот свет со Себе, готов да им ги прости гревовите на луѓето. Таа порака, која објаснува како можеме да се помириме со Бог, ни ја довери нам, за да им ја проповедаме на сите луѓе.

20 Ние сме амбасадори[b] на Христос, и преку нас Бог ви говори. Во името на Христос, ве молиме: помирете се со Бог! 21 Бог Го даде Христос, Кој немаше никаков грев, да биде жртва за нашиот грев, та преку Него ние да се здобиеме со Божја праведност.

Footnotes

  1. 2 Коринќаните 5:14 Или: не тера, не поттикнува.
  2. 2 Коринќаните 5:20 Буквално: ние сме Христови пратеници (претставници).