A A A A A
Bible Book List

1 Коринќаните 9Macedonian New Testament (MNT)

Апостол Павле

- пример на самоодрекување Зар јас немам иста слобода како другите? Зар јас не сум апостол? Зар лично не сум Го видел нашиот Господ Исус? Зар не поверувавте во Господ преку мојот труд? Ако за некои не сум апостол, за вас сигурно сум! Вие сте, всушност, жив доказ дека јас сум апостол на Господ.

Мојата одбрана пред оние што го доведуваат во прашање мојот авторитет како апостол гласи: Зар јас и Барнаба немаме право на храна и вода во вашите домови? Зар ние немаме право да се ожениме со христијанки и да ги водиме со нас, како што прават другите апостоли, браќата на Господ, па и Петар[a]? Зар само јас и Барнаба мораме самите да се издржуваме додека проповедаме? Кој војник сам си ги плаќа трошоците на своето служење? Кој одгледува лозје, а не јаде од неговиот род? Кој пасе овци, а не пие млеко од нив? Не го зборувам тоа само од човечка гледна точка. Зар и Божјиот Закон не го вели истото? Во Мојсеевиот Закон е запишано: „Не врзувај му ја устата на добитокот што врши жито[b].“ Бог сигурно не мисли тука првенствено на добитокот. 10 Зар тоа не е кажано за нас? Како што им следува надомест на оној што ора и на оној што врши, така им следува и на оние што се духовни работници.

11 Ако ние во вас посадивме духовни добра, зар е голема работа ако за возврат добиеме дел од вашите материјални добра? 12 Ако други луѓе имаат такво право на издршка од вас, зар ние не сме позаслужни од нив? Сепак, ние не го искористивме тоа право. Поднесуваме се, само да не создаваме пречки за ширењето на Радосната вест од Христос.

13 Зар не знаете дека оние што ги извршуваат светите служби во храмот се издржуваат од подароците донесени во храмот, а и оние што служат на жртвеникот добиваат дел од принесеното? 14 Така Господ определи и оние што ја проповедаат Радосната вест, од тоа да се издржуваат.

15 Сепак, јас не искористив ниту едно од овие права и не ви го пишувам ова за да барам од вас издршка. Попрво ќе умрам, ама нема да дозволам некој да ми ја уништи репутацијата дека работам без надомест. 16 Тоа што ја проповедам Радосната вест не го сметам за причина да се фалам. Се чувствувам должен тоа да го работам и тешко мене ако не ја проповедам Радосната вест!

17 Да го работев тоа по моја лична определба, ќе заслужував надомест. Но за мене тоа е обврска што Бог ми ја довери. 18 Тогаш, каква награда добивам јас? Тоа е честа да ја проповедам Радосната вест, без да имам материјална корист и без да ги искористувам правата што ми следуваат како на проповедник.

19 Јас не бев должен да им се покорувам на луѓето, бидејќи од нив не добивав плата[c], но сепак им станав слуга на сите за да ги доведам кај Христос. 20 Кога сум со Евреи, живеам како Евреин, за да ги доведам кај Христос. Тие му се потчинуваат на Мојсеевиот Закон, па и јас се придржувам кон истиот Закон, за да можам да ги доведам кај Христос, иако јас веќе не сум под тој Закон. 21 Кога сум со луѓе што не го признаваат Мојсеевиот Закон, го оставам Законот настрана, та и нив да ги доведам кај Христос. Се разбира, јас не живеам без закон, зашто го почитувам Божјиот Закон, односно, се раководам од Христовиот закон.

22 Кога сум со сиромаси[d] и јас живеам како нив, па и нив да ги доведам кај Христос. Кон сите се сообразив, сите начини ги применив за да спасам некои од нив. 23 Сето тоа го правам за да се шири Радосната вест, па и јас да уживам во благословите што таа ги носи.

24 Знаете дека на трката трчаат сите натпреварувачи, но само еден ја добива наградата. И вие треба да трчате со цел да победите! 25 Секој атлетичар се одрекува од многу нешта, за да добие награда што нема долго да вреди, а нашата награда вечно ќе вреди. 26 Јас не трчам кон нешто неизвесно, не удирам во празно, 27 туку го вежбам моето тело на издржливост и го обуздувам, за да не се случи, додека им проповедам на другите, самиот да испаднам од трката.

Footnotes:

  1. 1 Коринќаните 9:5 Во оригиналот: Кефа. Тоа е еврејскиот еквивалент на името Петар.
  2. 1 Коринќаните 9:9 Цитат од 5 Мојсеева 25:4.
  3. 1 Коринќаните 9:19 Некои преведувачи сметаат дека смислата овде е: Иако не сум должен на никого да му се покорувам, само поради тоа што ме плаќа.
  4. 1 Коринќаните 9:22 Буквално: слабите, немоќните или угнетените.
Macedonian New Testament (MNT)

Copyright 1999 by HBC Radosna Vest

  Back

1 of 1

You'll get this book and many others when you join Bible Gateway Plus. Learn more

Viewing of
Cross references
Footnotes