A A A A A
Bible Book List

1 Коринќаните 10Macedonian New Testament (MNT)

Предупредување против идолопоклонството

10 Драги мои, сакам да ве потсетам на нашите предци кога патуваа низ пустината. Бог ги водеше, испраќајќи подвижен облак да ги води[a]; сите безбедно минаа преку морето. Како следбеници на Мојсеј, тие беа крстени во морето, со Божјиот облак над нив. Сите ја јадеа истата храна[b] што ја добиваа на чудотворен начин, сите ја пиеја истата вода што потече за нив на чудотворен начин[c], зашто тие пиеја од духовната Карпа која ги придружуваше. Таа „Карпа“ беше Христос. Сепак, со повеќето од нив Бог не беше задоволен. Затоа тие изумреа, а нивните тела останаа расфрлени по пустината.

Тоа што им се случи е поука за нас, за да не посакуваме зли нешта, како што посакуваа тие, да не станеме идолопоклоници, како што станаа некои од нив. За ова во Светото Писмо пишува:

„Луѓето славеа со гозби и пијанки,

а потоа заиграа пагански игри[d]!“

Да не вршиме блуд, како што вршеа некои од нив поради што само во еден ден загинаа дваесет и три илјади души! Да не Го предизвикуваме Господ[e], како што некои од нив Го предизвикуваа, па загинаа каснати од змии. 10 Немојте да негодувате, како што некои од нив негодуваа, па Господ го испрати ангелот на смртта да ги погуби.

11 Ова што им се случи ним, треба да биде поука за нас. Тоа е запишано во Светото Писмо како предупредување за нас што живееме во овие последни денови. 12 Затоа, секој што мисли дека е цврст спрема искушенијата, нека внимава да не потклекне. 13 Искушенијата ги сполетуваат сите луѓе, но тие не се над вашите сили. Тој нема да дозволи да бидете искушувани повеќе отколку што можете да поднесете. А за секое искушение ќе ви покаже излез и ќе ви даде сили да се одбраните.

14 Затоа, драги мои, пазете се од идолопоклонство. 15 Вие сте разумни луѓе и самите можете да расудите за ова што ќе ви го кажам. 16 Кога на Господовата вечера[f] пиеме од чашата над која молиме Божји благослов, не земаме ли учество во придобивките што произлегуваат од Христовата крв? Кога го кршиме лебот и го јадеме, не земаме ли учество во придобивките што произлегуваат од Христовото тело? 17 Со тоа што јадеме од еден ист леб покажуваме дека сите ние сме едно тело. 18 Погледнете ги Израелците како народ. Тие, јадејќи од жртвите принесени на еден ист жртвеник, покажуваат дека се еден народ[g].

19 Што сакам да кажам со ова? Дали идолите на кои паганите им принесуваат жртви се вистински богови и дали од тие жртви има некаква придобивка? 20 Се разбира, не! Она што тие го принесуваат како жртва им го принесуваат на демоните, а не на Бог, а јас не сакам вие да општите со демони. 21 Не може да пиете од чашата на Господ, а потоа и од чашата на демоните! Не може да седите на Господовата трпеза, а потоа и на демонската трпеза! 22 Зар ќе предизвикуваме љубомора[h] кај Господ? Зар сме ние посилни од Него?

23 Велите: „Имаме слобода да правиме што сакаме!“ Да, но не е се полезно! Иако имаме слобода да правиме што сакаме, не придонесува се за наше изградување! 24 Ниеден од нас не треба да ги гледа само своите интереси, туку да водиме сметка и за другите луѓе.

25 Еве како треба да постапувате. Слободно јадете од секое месо што се продава на пазар, без да се распрашувате дали било наменето за идоли; така нема да ве гризе совеста. 26 А Светото Писмо вели: „Господова е Земјата и се што ја исполнува[i].“

27 Ако некој што не е христијанин ве покани на вечера и вие сакате да одите, одете слободно. Јадете од се што ќе ви биде принесено, без да се распрашувате дали таа храна била наменета како принос за идоли; така нема да ве гризе совеста. 28 Но ако некој ве предупреди и ви рече: „Таа храна е од приноси на идоли“, тогаш немојте да јадете, заради совеста на тој што ви го рекол тоа. 29 Значи, не заради вашата совест, туку заради совеста на тој што ве предупредил.

Можеби некој ќе рече: „Зошто мојата слобода да биде ограничена од тоа што им ја обременува совеста на други луѓе!? 30 Ако јас Му се заблагодарувам на Бог за она што го јадам, зошто некој да ме напаѓа поради тоа што го јадам!?“ 31 Но дури и јадењето, пиењето, па и секоја наша постапка треба да биде за Божја слава. 32 Затоа, немојте да ги соблазнувате ни Евреите, ни другите народи, ни оние што и припаѓаат на Божјата Црква. 33 Правете како што правам јас: на сите се обидувам да им угодам и не правам онака како што би било најдобро за мене, туку пред се, мислам на другите луѓе. Така постапувам затоа што сакам тие да се спасат.

Footnotes:

  1. 1 Коринќаните 10:1 Буквално: тие беа под облакот.
  2. 1 Коринќаните 10:3 Буквално: духовна храна.
  3. 1 Коринќаните 10:4 Буквално: духовна напивка.
  4. 1 Коринќаните 10:7 Цитат од 2 Мојсеева 32:6.
  5. 1 Коринќаните 10:9 Преносно: да не проверуваме како би реагирал Тој на нашата тврдоглавост и непокорност. Зборот Господ во некои ракописи е Христос.
  6. 1 Коринќаните 10:16 Или: Причест.
  7. 1 Коринќаните 10:18 Буквално: стануваат соучесници на жртвеникот.
  8. 1 Коринќаните 10:22 Во пророштвата од Стариот завет честопати застранувањето на Евреите кон други богови се доведува во врска со нивната желба да Го направат Бог љубоморен, односно да Го заинтересираат за нив и да Го натераат да им помогне.
  9. 1 Коринќаните 10:26 Псалм 24:1.
Macedonian New Testament (MNT)

Copyright 1999 by HBC Radosna Vest

  Back

1 of 1

You'll get this book and many others when you join Bible Gateway Plus. Learn more

Viewing of
Cross references
Footnotes