A A A A A
Bible Book List

Филипјаните 4Macedonian New Testament (MNT)

Затоа, мои мили и многу сакани пријатели христијани, по кои толку копнеам, радост моја, гордост моја, останете Му непоколебливо верни на Господ!

Совети и поттик

Еводија и Синтихија, ве молам обидете се да се усогласите во работата за Господ. Те молам и тебе, мој верен соработнику[a], помогни им. Тие многу работеа со мене на ширењето на Радосната вест, заедно со Климент и со многу други мои соработници чии имиња се запишани во Божјата книга на живите.

Радувајте му се на вашето заедништво со Господ, постојано радувајте се!

Бидете внимателни спрема сите, луѓето по тоа да ве знаат. Господ брзо ќе дојде. Немојте да се јадосувате за ништо, туку во сите ваши молитви барајте го од Бог она што ви е потребно и бидете благодарни за она што го добивате. Ако правите така, тогаш Божјиот мир, кој е далеку над она што човек може да го разбере, ќе ги чува вашите срца и умови, поради вашата припадност на Исус Христос.

За крај, мои драги пријатели христијани, стремете се кон она што е вистинито, чесно и праведно; она што е невино, љубезно, на добар глас, вредно и ценето. Применете го во практика она што го научивте и добивте од мене, било слушајќи ме што зборувам, било гледајќи ме како постапувам, па Бог, Кој е извор на мир, ќе биде со вас.

Благодарност за грижата и помошта

10 Господ ми даде голема радост што по толку долго време вие пак имавте можност да покажете дека се грижите за мене. Не дека престанавте да се грижите за мене, туку немавте можност да го покажете тоа. 11 Не го кажувам ова затоа што бев во беда. Се научив да бидам задоволен со тоа што го имам. 12 Знам како да живеам и во сиромаштија и во изобилие. Ја научив таа тајна, па сега секогаш и секаде сум задоволен, без разлика дали сум сит или гладен, дали имам многу или малку. 13 Со силата што Христос ми ја дава можам да издржам секакви услови.

14 Сепак, добро сте сториле што сте ми испратиле помош сега, кога ми е тешко. 15 Вие во Филипи, добро знаете дека кога заминав од Македонија, во раните денови на проповедањето на Радосната вест, вие бевте единствената црква што ми помагаше, единствените што го делеа со мене и доброто и злото. 16 Кога бев во Солун, не еднаш ми испраќавте помош, кога таа ми беше потребна. 17 Не барам јас подароци. Само сакам вие да добиете заслужена награда заради вашата грижа.

18 Сега, откако Епафродит ми ги предаде даровите што сте ми ги испратиле, имам се што ми треба, дури и повеќе. Тие се како принос за Бог со прекрасна миризба, жртва прифатлива и пријатна за Него. 19 Со сето Негово огромно богатство, преку Исус Христос, мојот Бог изобилно ќе ја задоволи секоја ваша потреба. 20 На нашиот Бог и Татко слава нека Му е довека! Амин.

Завршни поздрави

21 Поздравете ги сите што искрено веруваат во Исус Христос. Тие се свети луѓе. Ве поздравуваат и браќата што се со мене. 22 Ве поздравуваат сите христијани, а посебно оние што работат во дворецот на императорот.

23 Господ Исус Христос нека ви биде благонаклонет и нека биде со вас[b].

Footnotes:

  1. Филипјаните 4:3 Буквално: оној што е впрегнат во ист јарем.
  2. Филипјаните 4:23 Буквално: со вашиот дух.
Macedonian New Testament (MNT)

Copyright 1999 by HBC Radosna Vest

  Back

1 of 1

You'll get this book and many others when you join Bible Gateway Plus. Learn more

Viewing of
Cross references
Footnotes