A A A A A
Bible Book List

Филипјаните 3Macedonian New Testament (MNT)

За крај, драги мои, радувајте се што Му припаѓате на Господ. Мене не ми е тешко одново да ви го напишам истото нешто што веќе порано сум ви го пишувал, бидејќи тоа ќе придонесе да се заштитите.

Чувајте се од тие зли луѓе, од тие кучиња што тврдат дека обрежувањето е неопходно! Тоа е лажна побожност! Ние, а не тие, сме обрежани на вистинскиот начин, зашто преку (Светиот) Дух Му служиме на Бог и се гордееме со Исус Христос. Ние не ја полагаме својата вера во телесни вредности. Јас, се разбира, би можел да се потпрам на телесните вредности. Ако некој мисли дека може да се потпира на телесни вредности, нека знае дека јас имам многу повеќе причини така да мислам. Обрежан сум кога сум имал осум дена, Израелец сум по раѓање, од племето на Бинјамин - чистокрвен Евреин. Им припаѓав на фарисеите, што подразбира стриктно придржување кон верските закони. Бев толку ревносен, што дури ги прогонував христијаните[a]. Толку колку што човек може да биде праведен со почитување на заповедите од верскиот Закон, јас беспрекорно се придржував до нив.

Но сите тие нешта што порано толку многу ми значеа, сега, кога верувам во Христос, ги сметам за безвредни[b]. И уште повеќе, сметам дека се е рамно на загуба во споредба со таа скапоцена придобивка: да се познава Исус Христос, мојот Господ. Заради Него се откажав од сите тие телесни вредности и ги сметам за обичен смет. Христос е се што ми треба. Со Него сакам да бидам, не преку моја сопствена праведност, што би произлегувала од придржување кон верскиот Закон, туку преку праведност што се добива заради вера во Христос, праведност што доаѓа од Бог, врз основа на вера. 10 Сакам длабоко да Го запознаам Христос, да ја доживеам силата што Го воскресна, да искусам дел од Неговите страдања и да се идентификувам со Неговата смрт, 11 па така некако да стигнам до воскреснување од мртвите.

Стремеж кон целта

12 Јас не велам дека веќе сум успеал да го постигнам тоа, или дека сум станал совршен. Но, и понатаму се стремам да ги постигнам целите заради кои Исус Христос ме придоби. 13 Се разбира, драги пријатели христијани, јас не мислам дека веќе сум успеал да го достигнам тоа[c], но мислам дека успеав да го заборавам она што е зад мене и од се срце да се стремам кон она што е пред мене. 14 Трчам право кон целта, за да ја добијам наградата, небесното жителство за кое Бог, преку Исус Христос, не повика.

15 Сите што сте духовно зрели, вака треба да размислувате. Ако во нешто не се согласувате, верувам дека Бог тоа ќе ви го разјасни. 16 Но важно е да продолжиме да се придржуваме до вистината што веќе ја прифативме.

17 Драги пријатели христијани, одете по моите стапки. Гледајте на оние што го следат нашиот пример. 18 Многу пати досега сум ви го кажал ова, а и сега, со солзи во очите ќе ви го повторам: има многу луѓе кои според начинот на кој живеат му се непријатели на Христовиот крст[d]. 19 Тие ќе завршат во пеколот[e], бидејќи нивните телесни желби[f] им се бог. Се гордеат со она од што би требало да се срамат и размислуваат само за овоземни работи. 20 За разлика од нив, ние сме жители на небото и желно очекуваме нашиот Спасител, Господ Исус Христос, оттаму да дојде. 21 Тој ќе ги преобрази нашите слаби, смртни тела и ќе ги направи слични на Неговото славно тело, со истата моќ со која ќе ја преземе власта над се.

Footnotes:

  1. Филипјаните 3:6 Буквално: црквата.
  2. Филипјаните 3:7 Или: Сите нешта што би можел да ги сметам за своја предност, сега, кога верувам во Христос, ги сметам за свој недостаток.
  3. Филипјаните 3:13 Според некои ракописи: јас не сум се она што би требало да бидам.
  4. Филипјаните 3:18 Изразот Христовиот крст овде ја означува Радосната вест, Евангелието, пораката за спасение преку вера во Христос и Неговата жртва во наша полза.
  5. Филипјаните 3:19 Буквално: крајот нивни е уништување.
  6. Филипјаните 3:19 Буквално: желудник.
Macedonian New Testament (MNT)

Copyright 1999 by HBC Radosna Vest

  Back

1 of 1

You'll get this book and many others when you join Bible Gateway Plus. Learn more

Viewing of
Cross references
Footnotes