A A A A A
Bible Book List

Филипјаните 1Macedonian New Testament (MNT)

Писмо од апостол Павле до христијаните во

Филипи

Авторство и поздрави

Од Павле и Тимотеј,

службеници на Исус Христос,

Бог, нашиот Татко, и Господ Исус Христос нека ви бидат благонаклонети и нека ви дадат мир.

Молитва со благодарност

Секојпат кога ќе помислам на вас, Му се заблагодарувам на мојот Бог и секогаш со задоволство се молам за вас, зашто вие ми помагате во ширењето на Радосната вест уште од првиот ден кога ја слушнавте, па се досега. Сигурен сум дека Бог, Кој ја започна оваа добра работа во вас, ќе продолжи да ја води, се додека не ја заврши, на денот кога Исус Христос повторно ќе дојде.

Сите сте ми многу драги, и со право ми прираснавте за срце, зашто и вие ја делите со мене оваа привилегија што Бог ми ја даде, сега, кога сум в затвор, како и порано кога бев слободен, да ја бранам и ширам Радосната вест. Бог ми е сведок дека моите чувства спрема сите вас се искрени и дека ве сакам онака како што ве сака и Исус Христос.

Се молам и вашата љубов еден спрема друг се повеќе да расте, вашето знаење да се продлабочува, и се потемелно да ги разбирате работите, 10 за да знаете да го одберете она што е најдобро. Така, на денот кога Христос ќе се врати, ќе бидете беспрекорни и чисти. 11 Вашите животи ќе бидат исполнети со вистински вредности[a], какви што само Исус Христос може да создаде, за слава и величање на Бог.

Павле е радосен што се проповеда за Христос

12 Сакам да знаете, драги пријатели христијани, дека она што ми се случи, помогна Радосната вест уште поуспешно да се шири. 13 Целата царска стража во касарната и сите луѓе што се овде дознаа дека сум затворен поради тоа што проповедам за Христос. 14 Мојот престој во затворот кај повеќето христијани ја зацврсти нивната вера во Господ, ги поттикна да бидат посмели и без страв да ја проповедаат Божјата порака.

15 Навистина, некои тоа го прават од завист и од соперништво спрема мене, но другите со најискрени намери проповедаат за Христос. 16 Оние што го прават тоа од љубов знаат дека Бог ме определи да ја бранам Радосната вест. 17 Оние, пак, што проповедаат од ривалство и нечесни мотиви, сакаат да ми ја наголемат болката додека сум в затвор. 18 Но без оглед на тоа дали мотивите се чисти или не, се проповеда за Христос! А јас на тоа се радувам и ќе продолжам да се радувам, 19 бидејќи знам дека преку вашите молитви и со помошта што доаѓа од Духот на Исус Христос сето ова ќе биде за мое избавување.

Да се живее и да се умре за Христос

20 Јас најискрено се надевам и посакувам во ништо да не потфрлам, исполнувајќи ја својата должност. Сакам секогаш, а посебно сега, да бидам полн со храброст, и со целото мое битие да Му донесам слава на Христос, било преку мојот живот, или преку мојата смрт. 21 Што е животот? За мене тоа е Христос! Што е смртта? За мене тоа е чиста добивка! 22 Но ако останам жив ќе можам плодно да работам за Христос. Затоа, кога би требало јас да избирам, не знам што би одбрал. 23 Растргнат сум од овие две желби: да го напуштам овој живот и да бидам со Христос, зашто за мене тоа е далеку подобро, 24 или да останам овде, во тело, што би било многу покорисно за вас. 25 Со таа увереност ќе останам со сите вас и ќе продолжам да работам, за да напредувате и да се радувате во верата, 26 па кога повторно ќе бидам со вас ќе имате уште поголема причина да се гордеете со вашата вера во Исус Христос и со мене.

Однесувајте се како жители на небото

27 Трудете се да живеете достојно на Радосната вест на Христос. Без разлика дали сум со вас и можам да видам што правите, или сум отсутен, сакам да слушам само добро за вас: дека еднодушно и сложно се борите за верата што произлегува од Радосната вест. 28 Немојте да се плашите од вашите непријатели. Бидете секогаш храбри. Со тоа ќе им покажете дека тие ќе изгубат, а вие ќе бидете спасени, зашто Бог е на ваша страна. 29 Дадена ви е привилегијата да Му служите на Христос, не само со тоа што ќе верувате во Него, туку и со тоа што ќе страдате за Него, 30 водејќи ја истата борба што ја водев јас, како што и самите видовте, борба што и сега, како што слушате, продолжувам да ја водам.

Footnotes:

  1. Филипјаните 1:11 Буквално: со плодови на праведноста.
Macedonian New Testament (MNT)

Copyright 1999 by HBC Radosna Vest

  Back

1 of 1

You'll get this book and many others when you join Bible Gateway Plus. Learn more

Viewing of
Cross references
Footnotes