A A A A A
Bible Book List

Римјаните 9Macedonian New Testament (MNT)

Жал за Израелците - Нивната предност

Јас ја кажувам вистината. Му припаѓам на Христос и не лажам. Мојата совест, водена од Светиот Дух, ми сведочи дека не лажам кога ви кажувам колку е голема мојата тага, каква непрестајна болка имам во срцето за мојот народ, за моите сонародници - Евреите. Кога тоа би можело да ги спаси, би се согласил јас да бидам проколнат и откинат од Христос! Израелците се Божји одбран народ. Бог ним им ја откри Својата слава и со нив склучуваше завети. Ним им беше даден Божјиот Закон, ним им беше доверено да служат во храмот, ним им беа дадени ветувањата. Од нив потекнуваат патријарсите, од нив потекнува и Христос, по тело, а Тој е Бог, Кој владее над се - благословен нека биде за вечни векови! Амин.

Не се работи за тоа дека Бог не си го одржал зборот спрема Евреите. Но не е вистински Евреин секој што по потекло е Евреин. Не се сите потомци на Авраам негови вистински наследници, туку Светото Писмо вели: „Оние што се потомци на Исак ќе се сметаат за твои наследници[a].“ Тоа значи дека не се Божји деца сите што се биолошки потомци на Авраам. Вистинските потомци на Авраам се децата што беа родени според ветувањето што го беше дал Бог. А тоа ветување гласеше: „Следната година, во ова време јас ќе се вратам и Сара ќе има син[b].“

10 Тој син беше Исак, кој подоцна се ожени со Ревека[c]. И кај нивните деца се покажа Божјиот избор. Ревека зачна близнаци од нашиот предок Исак. 11 Но изборот меѓу нив го изврши Бог, согласно со Своите планови. Уште пред да се родат близнаците и да сторат нешто добро или зло, 12 Бог и рече на Ревека: „Потомците на постариот син ќе им служат на потомците на помладиот син[d].“ Изборот не беше резултат на нивни заслуги, туку зависеше само од Оној што одбираше, од Бог.

13 Токму затоа Бог во Светото Писмо вели: „Јакова го засакав, а Исава го отфрлив[e].“

Бог не е несправедлив

14 Значи ли ова дека Бог е неправеден? Никако! 15 На Мојсеј Бог му рече:

„Спрема кого сакам ќе имам милост,

спрема кого сакам ќе се сожалам[f].“

16 Значи, Божјиот избор е резултат на Неговата милост, а не е заслуга на оние што сакале или пак на оние што вложувале сопствени напори.

17 Светото Писмо кажува дека Бог вака му рече на фараонот: „Те направив цар, за да се покаже над тебе Мојата сила и за да се прочуе Моето име по целата Земја[g].“ 18 Значи, спрема кого сака Бог ќе се смилува, а кого сака ќе го остави тврдоглав.

19 Несомнено некој ќе рече: „Зошто тогаш Бог смета дека одговорноста е кај луѓето? Кој може да се противстави на она што Бог наумил да го стори?“ 20 Но кој си па ти, човеку, да Му приговараш на Бог!? Зар ракотворбата ќе му приговори на мајсторот: „Зошто си ме направил ваква[h]?“ 21 Зар грнчарот нема право од иста смеса глина да направи еден сад за благородна, а друг за неблагородна употреба? 22 Бог има право да го излее Својот гнев и да ја покаже Својата сила, но има право и да биде долготрпелив спрема оние на кои им е гневен, луѓе кои самите се подготвиле за сопствено уништување. 23 Тој има право да ги излее богатствата на Својата слава врз оние спрема кои ја насочи Својата благонаклоност, оние што ги беше приготвил за слава. 24 Во овие вториве спаѓаме и ние, а нас не има не само од Евреите, туку и од другите народи.

25 Еве што вели Бог за тоа во книгата на пророкот Осија:

„На оние што не биле Мој народ

ќе им речам: ,Мој народе!‘

На оние што не биле сакани ќе им речам: ,Драги Мои!‘[i]

26 и

„На истото место каде што им беше речено:

,Вие не сте Мој народ.‘

сега ќе бидат наречени деца на Живиот Бог[j].“

27 Во врска со Израел, пророкот Исаија извикуваше:

„Дури и ако Израелците станат

многубројни како морскиот песок,

само мал број од нив ќе се спасат!

28 Господ брзо ќе ја спроведе

казната што ја има изречено за Земјата[k]!“

29 На друго место пророкот Исаија вели:

„Ако Семоќниот Господ не оставеше од нас преживеани,

ќе бевме целосно уништени како Содом и Гомора[l]!“

Неверноста на Израелците

30 Што можеме да заклучиме од ова? Иако другите народи не се трудеа да се здобијат со праведност пред Бог, добија можност за праведност и тоа преку вера. 31 Израелците, пак, се обидуваа да се здобијат со праведност преку придржување кон Мојсеевиот Закон, но не успеаја. 32 Зошто? Затоа што не се потпираа на верата, туку мислеа дека со сопствените постапки ќе можат да се здобијат со праведност. Тие се препнаа од „каменот за сопнување.“ 33 Бог ги предупреди на ова преку напишаното во Светото Писмо:

„Еве, во Ерусалим[m] ќе поставам Камен

од кој некои луѓе ќе се сопнат,

Карпа од која ќе се соблазнат,

а оние што ќе поверуваат во Него,

нема да се разочараат[n].“

Footnotes:

  1. Римјаните 9:7 1 Мој. 21:12.
  2. Римјаните 9:9 1 Мој. 18:10,14.
  3. Римјаните 9:10 На хебрејски: Ривка; значи огламник, јаже замотано околу вратот.
  4. Римјаните 9:12 1 Мој. 25:23.
  5. Римјаните 9:13 Мал. 1:2,3.
  6. Римјаните 9:15 2 Мој. 33:19.
  7. Римјаните 9:17 2 Мој. 9:16.
  8. Римјаните 9:20 Исаија 29:16; 45:9.
  9. Римјаните 9:25 Осија 2:23.
  10. Римјаните 9:26 Осија 1:10.
  11. Римјаните 9:28 Исаија 10:22,23.
  12. Римјаните 9:29 Исаија 1:9.
  13. Римјаните 9:33 Буквално: во Сион (поточно е Цион), синоним за Ерусалим.
  14. Римјаните 9:33 Исаија 8:14; 28:16.
Macedonian New Testament (MNT)

Copyright 1999 by HBC Radosna Vest

  Back

1 of 1

You'll get this book and many others when you join Bible Gateway Plus. Learn more

Viewing of
Cross references
Footnotes