A A A A A
Bible Book List

Римјаните 8Macedonian New Testament (MNT)

Светиот Дух доаѓа на помош

Затоа тие што се под закрила на Исус Христос нема да бидат осудени, бидејќи со посредство на Исус Христос, силата[a] на животодавниот Дух ве ослободи од силата[b] на гревот, која води во смрт. Мојсеевиот Закон не можеше да не спаси, поради грешната човекова природа. Но тоа што не можеше да го стори Законот, го направи Бог. Тој Го испрати Својот Син во тело слично на грешните човечки тела. Жртвувајќи Го Својот Син за нашите гревови, Бог ја уништи власта што гревот ја имаше во нас. Така, она што Законот со право го бараше, беше исполнето за нас, кои не се раководиме според телесната природа, туку според водството на Духот.

Луѓето што се раководат според својата телесна природа мислат само на телесни работи, додека оние што допуштаат да ги води Божјиот Дух, мислат на духовни работи и се стремат кон нивно остварување. Но раководењето според телесната природа води во смрт, а раководењето според Божјиот Дух донесува живот и мир. Умот што се раководи од телесната природа е непријателски настроен спрема Бог. Тој не му се покорува на Божјиот Закон. Не може да му се покори. Луѓето што се раководат од својата телесна природа не можат да Му угодат на Бог.

Но вие не се раководите според телесната природа, туку според водството на Духот, ако во вас навистина живее Божјиот Дух. (Ако некој Го нема во себе Духот на Христос, таквиот човек воопшто и не е христијанин!) 10 Ако, пак, Христос живее во вас, тогаш, навистина, вашето тело ќе мора да умре[c] поради гревот, но вашиот дух ќе живее, затоа што сте оправдани пред Бог. 11 Ако навистина Божјиот Дух, Кој Го воскресна Исуса, сега живее во вас, тогаш Тој Дух ќе ги оживее и вашите смртни тела, онака како што Го воскресна Христос од мртвите.

12 Драги христијани, ние не сме и должници на нашата телесна природа и не сме должни да го извршуваме тоа што таа ни го наложува. 13 Ако дозволите грешната телесна природа да ве води, ќе умрете. Но ако со помош на Божјиот Дух ги совладувате[d] навиките на вашата грешна природа, ќе живеете. 14 Само тие што се раководат според Божјиот Дух, се Божји деца.

15 Впрочем, Духот што Го примивте не ве претвора одново во робови, па и понатаму да се плашите од Бог! Напротив, Тој Дух ве посвои и сега сте Божји деца и на Бог можете да Му се обраќате со „Аба“, што значи „Татко“. 16 Самиот Божји Дух, заедно со нашиот дух, не уверува дека ние навистина сме Божји деца. 17 Ако сме Божји деца, ние сме и Негови наследници, заедно со Христос. Се што Бог Му дава на Својот Син, Христос, е и наше. Па и ако страдаме слично како што страдаше Христос, ќе ја наследиме и славата што ја има Тој!

Идната слава на Божјите деца

18 Јас мислам дека страдањата низ кои сега минуваме не можат ни да се споредат со славата што потоа ќе ни биде дадена. 19 Се што е создадено со нетрпение го чека денот кога Бог ќе објави кои се Неговите вистински деца. 20 Се што е создадено беше потчинето под Божјото проклетство[e], не по своја волја, туку по Негова наредба. Затоа сите созданија се надеваат 21 дека и тие ќе бидат ослободени од стегите на смртта и распаѓањето, и ќе ја добијат славната слобода што ги очекува Божјите деца. 22 Зашто знаеме дека, се до сега, целиот свет стенка и се грчи од болка, како жена што се породува. 23 Не само светот, туку стенкаме и ние христијаните, кои го имаме Светиот Дух во нас и ги уживаме првите плодови на славата што ќе дојде. И ние во себе стенкаме, желно очекувајќи Бог да ни го даде сето она што како на Негови деца ни следува, вклучувајќи ги тука и новите тела што Бог ни ги вети. 24 Сега кога сме спасени, желно ја очекуваме таа слобода. Тоа значи дека таква слобода се уште немаме. Зошто, инаку, некој би очекувал нешто што веќе го има!? 25 Но, во очекување на она што се уште го немаме, треба трпеливо и со доверба да го очекуваме.

26 Во меѓувреме, со нас е Светиот Дух за да не придружува и да ни помага во нашите слабости. Ние не знаеме дури ни за што и како би требало да се молиме. Но Светиот Дух се застапува за нас со неискажливи воздишки. 27 А Бог знае што има во срцата на луѓето и знае што сака Светиот Дух, затоа што Тој се застапува за Божјите луѓе согласно со Божјата волја. 28 Знаеме дека се што се случува, Бог ќе го насочи така што да испадне на добро за оние што Го сакаат Бога и што се од Него повикани за свети цели. 29 Однапред познавајќи ги луѓето, Бог ги одбра Своите, со цел да ги преобрази така што ќе бидат слични на Неговиот Син, Исус, Кој е првороден за да има многу браќа и сестри. 30 А тие што ги одбра, Бог ги повика, ги оправда и ги прослави.

Силата на Божјата љубов

31 Што да кажеме на ова? Ако е Бог со нас, кој ќе биде против нас? 32 Кога Бог ни Својот Сопствен Син не Го поштеди, туку Го даде за откуп на сите нас, зар заедно со Исус нема да ни подари и се друго?

33 Кој може да подигне обвинение против оние што Бог ги одбра и ги оправда!? 34 Кој може да не осуди нас, Божјите избраници? Такво право и таква сила има само Исус Христос, но токму Тој умре и воскресна за нас, а и сега се зазема за нас, седејќи на почесното место, од десната страна на Бог!

35 Според тоа, може ли да има сила што ќе не одвои од Христовата љубов? Можат ли тоа да го сторат тешкотиите, маките, прогоните, гладот, немаштијата или заканите со смрт? 36 Иако во Светото Писмо е напишано:

„Секојдневно се соочуваме со смртта, за Тебе,

не сметаат како овци за клање[f]

37 Наспроти се, ние сме повеќе од победници, преку Христос, Кој многу не засака. 38 Убеден сум дека ни смртта ни животот; ни ангелите, ни владетелите; ни сегашноста, ни иднината; ни некакви сили, 39 било да се сили од височините, или сили од длабочините; ниту што и да е на овој свет не може да не одвои од Божјата љубов, што Тој ни ја искажува преку Исус Христос, нашиот Господ!

Footnotes:

  1. Римјаните 8:2 Буквално: законот.
  2. Римјаните 8:2 Буквално: законот.
  3. Римјаните 8:10 Буквално: ... телото е мртво поради гревот, но духот е жив заради праведноста. Вториот дел може да значи и: ... Духот ќе ви донесе живот...
  4. Римјаните 8:13 Буквално: ги умртвите.
  5. Римјаните 8:20 Буквално: на суетата.
  6. Римјаните 8:36 Псалм 44:22.
Macedonian New Testament (MNT)

Copyright 1999 by HBC Radosna Vest

  Back

1 of 1

You'll get this book and many others when you join Bible Gateway Plus. Learn more

Viewing of
Cross references
Footnotes