A A A A A
Bible Book List

Римјаните 3Macedonian New Testament (MNT)

Евреите потфрлија, но Бог останува верен

Тогаш, во што е предноста да се биде Евреин? Има ли обрежувањето некаква вредност? Предноста е голема, во секој поглед! Како прво, Светото Писмо[a] им беше доверено на Евреите.

Навистина, некои од нив ја изневерија Божјата доверба, но дали тоа значи дека и на Бог не може да Му се верува? Секако не! Дури и сите луѓе да испаднат лажливци, на Бог може да Му се верува, како што стои запишано во Светото Писмо:

„Ќе се покаже дека вистината ја зборуваш,

пред судот победа ќе извојуваш[b].“

Има луѓе што велат: „Нашите гревови служат за да дојде до израз Божјата добрина, кога Тој ќе ни ги прости. Зарем тогаш не е неправедно Бог да не казнува?“ (Да, има луѓе што токму така зборуваат.) Се разбира дека не е неправедно! Да е така, како би можел Бог да му суди на светот? Можеби некој ќе рече: „Ако преку мојата лага уште повеќе доаѓа до израз Божјата вистина и се возвишува Неговата слава, зошто тогаш Бог да ме смета за грешник и да ме осудува?“ Ако така размислувате, ќе испадне дека колку повеќе грешиме, толку е подобро! Се разбира дека не е така, иако некои луѓе ме клеветат дека јас така сум проповедал! Тие што така размислуваат, си ја заслужуваат казната што ќе ги снајде!

Сите луѓе се грешници

Значи, дали ние Евреите сме подобри од другите народи? Не, не сме. Ние веќе рековме дека и Евреите, како и другите народи, се под власта на гревот. 10 Како што е напишано во Светото Писмо:

„Нема ниту еден праведен човек, ниту еден единствен;

11 ниту еден што разбира,

ниту еден што Го бара Бога.

12 Сите скршнаа од правиот пат,

сите се израсипаа.

Нема ниту еден единствен човек

што прави добро[c].“

13 „Грлата нивни - гробови отворени,

јазиците само за злобни лаги им служат[d].“

„Зад усните змиски отров кријат[e].“

14 „Устите им со клетви и горчина се полни[f].“

15 „Брзи се стапалата нивни да пролеваат крв.

16 Кај ќе стапнат - пустош и беда носат!

17 За мирољубивост не знаат[g].“

18 „Ни трошка страв и почит спрема Бог кај нив нема[h].“

19 А јасно е дека одредбите на Божјиот Закон се наменети за луѓето на кои им беше даден. Ниеден човек нема изговор, а врз основа на тој Закон Бог може целиот свет да го осуди. 20 Со придржување кон Законот никој не може да се здобие со праведност во Божјите очи. Преку Законот само стануваме свесни за нашата грешност.

Само верата во Христос може да н

е оправда 21 Сега Бог ни покажа како можеме да се здобиеме со праведност: не преку придржување кон уредбите во Мојсеевиот Закон, туку онака како што одамна беше ветено во Светото Писмо[i]:

22 пред Бог можеме да се здобиеме со праведност само преку вера во Исус Христос. Тоа важи за секој што верува, бидејќи меѓу луѓето нема никаква разлика, 23 зашто сите згрешија и никој не успеа да ги достигне Божјите возвишени стандарди. 24 Но поради Својата милостива благонаклоност, Бог не прогласува за праведни. Оправданието ни е подарено преку откупот што за нашите гревови го плати Исус Христос. 25 Него Бог јавно Го испрати да биде помирителна жртва за оние што со вера го прифаќаат тоа. Бог ни покажа дека беше праведен во минатото кога трпеливо преминуваше преку гревовите на луѓето за потоа да ги наплати преку жртвуваната крв на Исус Христос. 26 Бог ни покажува дека е праведен и сега кога го оправдува секој што верува во Исус. Така Неговата праведност никогаш не е доведена во прашање.

27 Има ли тука место некој од нас да се фали? Таквата можност е целосно исклучена! Според кој закон фалењето е исклучено: според оној на нашите постигнувања ли? Не, туку според законот што се темели врз верата! 28 Ние согледуваме дека човек се оправдува пред Бог преку верата, а не преку придржување кон уредбите во Законот.

29 Зар Бог им припаѓа само на Евреите? Зарем Тој не е Бог и на сите други народи? Се разбира дека е! 30 Има само еден Бог и Тој ги оправдува и обрежаните и необрезаните[j] само врз основа на нивната вера. 31 Значи ли тоа дека ние, истакнувајќи ја верата, го поништуваме Божјиот Закон? Никако! Всушност, само ако имаме вера можеме вистински да го исполниме она што го бара Божјиот Закон.

Footnotes:

  1. Римјаните 3:2 Буквално: Божјите објави.
  2. Римјаните 3:4 Псалм 51:4.
  3. Римјаните 3:12 Псалми 14:1-3; 53:1-3; Проп. 7:20.
  4. Римјаните 3:13 Псалм 5:9.
  5. Римјаните 3:13 Псалм 140:3.
  6. Римјаните 3:14 Псалм 10:7.
  7. Римјаните 3:17 Исаија 59:7,8.
  8. Римјаните 3:18 Псалм 36:1.
  9. Римјаните 3:21 Буквално: Законот и Пророците. Под Закон се подразбираат Мојсеевите книги (првите пет книги од Библијата), а под Пророци се подразбираат седумнаесетте последни книги од Стариот завет, од книгата на пророкот Исаија, до книгата на пророкот Малахија.
  10. Римјаните 3:30 Односно: и Евреите и сите други народи.
Macedonian New Testament (MNT)

Copyright 1999 by HBC Radosna Vest

  Back

1 of 1

You'll get this book and many others when you join Bible Gateway Plus. Learn more

Viewing of
Cross references
Footnotes