A A A A A
Bible Book List

Римјаните 2Macedonian New Testament (MNT)

Сите сме виновни пред Бог

Затоа, ниеден човек нема оправдување! Дури ни тој што ги осудува таквите постапки, зашто и самиот е виновен за нив. Тој што им пресудува на другите си пресудува и себеси! Знаеме дека Бог е справедлив и ќе ги казни сите што прават такви работи. Немој да мислиш дека Бог ќе ги казни другите луѓе за нивните грешни постапки, а ти за слични постапки ќе ја избегнеш Божјата казна! Не сфаќај ја погрешно Божјата прекумерна добрина, воздржливост и долгата трпеливост спрема тебе! Божјата добрина ти дава време за да се покаеш!

Ако останеш тврдоглав и не се покаеш, си собираш гнев против себе со кој Бог справедливо ќе те казни на Судниот ден, кога Бог на секого ќе му плати според неговите дела[a]. На оние што истрајуваат во вршењето добри дела, и во копнежот по небесна слава, чест и бесмртност, Бог ќе им даде вечен живот, а врз оние што се себични, што одбиваат да ја слушаат вистината, а го следат злото, Бог ќе излее гнев и лутина. Маки и страдања ќе има за сите што прават зло, прво за Евреите, а потоа и за другите народи, 10 а слава, чест и мир за сите што прават добро, прво за Евреите, а потоа и за другите народи. 11 Кај Бог нема пристрасност!

12 Кога грешат неевреите, Бог ќе ги казни, без оглед на тоа што ним не им бил даден Божјиот Закон во пишана форма. Кога грешат Евреите, Бог и нив ќе ги казни, бидејќи тие го знаат Божјиот Закон и ќе бидат судени според него. 13 Зашто не се станува праведник пред Бог само со познавање на Законот, туку со придржување кон него.

14 Кога неевреите, кои го немаат Божјиот Закон во пишана форма, инстинктивно се придржуваат кон заповедите што произлегуваат од него, тоа покажува дека длабоко во себе тие умеат да го разликуваат доброто од злото. 15 Тоа е доказ дека она што Божјиот Закон го бара е запишано во нивните срца. За нив мерило за поведението е нивната совест, која им кажува кога некоја нивна постапка е за осуда, а кога е оправдана. 16 Ќе дојде ден кога Бог, преку Исус Христос, ќе го суди она што е скриено во луѓето, како што кажува Радосната вест што јас ја проповедам.

Предупредување за Евреите

17 Ако си Евреин, ти се потпираш на Божјиот Закон, фалејќи се со посебната поврзаност на твојот народ со Бог. 18 Ја познаваш Божјата волја и знаеш да го одбереш она што е најдобро, бидејќи си учел од Божјиот Закон. 19 Уверен си дека можеш да им бидеш водач на слепите, светло на луѓето што се загубени во мрак, не познавајќи го Бога. 20 Сметаш дека можеш да ги упатуваш неупатените и да ги учиш незрелите, уверен дека Божјиот Закон ти дал совршено познавање на вистината. 21 Но, учејќи ги другите, зошто самиот не се поучиш!? Ти што проповедаш да не се краде, дали и самиот не крадеш!? 22 Ти што други учиш да не прават прељуби, дали и самиот не правиш прељуби!? Ти што се гнасиш од идоли, дали и самиот не крадеш од храмовите? 23 Толку се фалиш со Божјиот Закон, а го прекршуваш, и Му нанесуваш срам на Бог! 24 Токму така и стои запишано во Светото Писмо: „Поради вас другите народи го навредуваат Божјото име[b]!“

25 Од еврејскиот обичај на обрежување има полза само ако се придржуваш кон Божјиот Закон. Ако го прекршуваш, твоето обрежување е безвредно. 26 Затоа, ако необрезан човек се придржува кон Божјиот Закон, зарем нема да се смета за еднакво добар со обрежаните? 27 Оние што телесно не се обрежани, а се придржуваат кон Божјиот Закон, ќе ве судат вас кои, иако го имате Божјиот Закон во пишана форма и сте обрежани, сепак го прекршувате.

28 Зашто, да се биде вистински Евреин не се доволни само телесните податоци и телесното обрежување, туку 29 вистински Евреин е оној чие срце му припаѓа на Бог, а вистинско обрежување е духовниот препород во срцето. Тоа е дело на Светиот Дух, а не на пишаниот Закон. Оној што доживеал таква промена, ќе бара пофалба од Бог, а не од луѓето.

Footnotes:

  1. Римјаните 2:6 Пс. 62:12, По. 24:12.
  2. Римјаните 2:24 Иса. 52:5, Езек. 36:22.
Macedonian New Testament (MNT)

Copyright 1999 by HBC Radosna Vest

  Back

1 of 1

You'll get this book and many others when you join Bible Gateway Plus. Learn more

Viewing of
Cross references
Footnotes