A A A A A
Bible Book List

Римјаните 16Macedonian New Testament (MNT)

16 Ви ја препорачувам нашата сестра Фиба, која служи во црквата во Кенхреа. Таа наскоро ќе ве посети. Пречекајте ја срдечно, како што им прилега на Божји луѓе. Помогнете и со се што ќе и треба, бидејќи и таа им помагаше на многумина, а ми помогна и мене.

Поздравете ги Приска[a] и Акила, кои соработуваат со мене во мојата мисија за Исус Христос. Тие си ги ризикуваа сопствените животи заради мене. Ним не сум им благодарен само јас, туку и сите цркви меѓу неевреите.

Поздравете ја и црквата што се собира во нивниот дом.

Поздравете го мојот драг пријател Епенет. Тој е првиот христијанин од Азија[b].

Поздравете ја Марија, која многу работеше за вас.

Поздравете ги моите роднини[c] Андроник и Јуниј[d], со кои заедно бевме в затвор. Тие се многу почитувани меѓу апостолите и уште пред мене беа Христови следбеници.

Поздравете го мојот драг пријател во Господ, Амплијат.

Поздравете го Урбан, наш соработник во Христовото дело; поздравете го и мојот драг пријател Стахиј.

10 Поздравете го Апелиј, потврден следбеник на Христос.

Поздравете го семејството на Аристобул.

11 Поздравете го мојот роднина[e] Иродион.

Поздравете ги христијаните од семејството на Наркис.

12 Поздравете ги Трифен и Трифос, кои трудољубиво работат за Господ.

Поздравете ја мојата драга пријателка Персида, која многу работеше за Господ.

13 Поздравете го Руф, избраник на Господ. Поздравете ја и неговата мајка, која и мене ми беше како мајка.

14 Поздравете ги Асинкрит, Флегон, Ермин, Патроб, Ерман и нашите пријатели христијани што се со нив.

15 Поздравете ги Филолог и Јулија, Нереј и неговата сестра, Олимп и сите Божји луѓе што се со нив.

16 Поздравете се меѓусебно со свет бакнеж. Примете поздрави од сите Христови цркви.

Предупредувања и поздрави

17 Ве предупредувам, драги пријатели христијани, да се пазите од оние што предизвикуваат поделби и сомнежи, што ве учат на работи спротивни на учењето што го примивте. Избегнувајте ги! 18 Таквите луѓе не му служат на нашиот Господ Христос, туку им служат само на сопствените апетити[f]. Преку лицемерни говори и ласкање тие ги заведуваат простодушните. 19 А за вас насекаде се слуша дека сте Му послушни на Бог, и тоа посебно ме радува. Би сакал да бидете бистри за она што е добро, а невини за се што е зло. 20 А Бог, Кој е извор на мирот, брзо ќе го сотре Сатаната и ќе го фрли под вашите нозе! Нашиот Господ Исус нека ви биде благонаклонет[g].

21 Ве поздравуваат мојот соработник Тимотеј и моите сонародници Луциј, Јасон и Сосипатер.

22 И јас, Терцие, оној што го пишува ова писмо, ве поздравувам како Господов следбеник.

23 Ве поздравува Гај, кој ни е домаќин и мене и на целата овдешна црква. Ве поздравува градскиот благајник Ераст и нашиот брат по вера, Квартус. 24 [h]

Завршен славопој

- доксологија 25 А сега, нека Му е слава на Бог, Кој може да ве направи цврсти преку Радосната вест што ви ја пренесувам! Таа зборува за Исус Христос. Со векови ова беше тајна, 26 но сега стана нешто што сите можат да го слушнат. Вечниот Бог им заповеда на Неговите пророци да пишуваат за Радосната вест, па така, преку Светото Писмо сите народи да ја слушнат и да поверуваат. 27 На единствениот Бог, на Оној што е мудар, нека Му е слава преку Исус Христос во вечни времиња! Амин!

Footnotes:

  1. Римјаните 16:3 Скратено од Присцила.
  2. Римјаните 16:5 Во тоа време кога се зборувало за Азија се мислело само на Мала Азија, и тоа на нејзиниот јужен дел.
  3. Римјаните 16:7 Или: земјаци, сонародници.
  4. Римјаните 16:7 Во некои ракописи: Јулија.
  5. Римјаните 16:11 Или: земјак, сонародник.
  6. Римјаните 16:18 Букв. на сопствениот желудник.
  7. Римјаните 16:20 Во некои стари ракописи ја нема оваа реченица.
  8. Римјаните 16:24 Во некои стари ракописи стои и овој стих: Благодатта на нашиот Господ Исус нека биде со сите вас. Амин.
Macedonian New Testament (MNT)

Copyright 1999 by HBC Radosna Vest

  Back

1 of 1

You'll get this book and many others when you join Bible Gateway Plus. Learn more

Viewing of
Cross references
Footnotes